Македонија
Битиќи: На 8-ми мај да се спротивставиме на политиките на поделби, за сплотена и силна Македонија

„Грешките во владеењето можеме да ги поправиме, но поделбите во општеството нема да ги залечиме доколку на 8-ми мај не се спротивставиме на политиките на раздорот, на национализмот, на сеењето страв. Социјалдемократскиот сојуз е единстваната обединувачка политичка партија за силна и сплотена Македонија – земја и европски дом во кој ќе има место за секого, независно од неговата етничка, религиозна, културна, политичка или социјална припадност“, порача на денешните средби со жителите на Топаана и Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој кажа дека резултатите од првиот круг на претседателските избори не треба да се прифатат со малодушност ниту пак да се обесхрабрувачки, туку треба да се перцепираат како предизвик кој во себе носи можност за сплотување на сите прогресивни сили во државата за двојните избори на 8-ми мај.
„Со нашата предизборна програма нудиме повеќе од економски раст и развој, повеќе од повисоки плати и пензии, многу повеќе од европски животен стандард, ние нудиме иднина во која секој граѓанин ќе биде прифатен, почитуван, градиме земја во која ќе владее дијалогот, меѓусебното разбирање, а не раздорот. Затоа на 8-ми мај, победата на СДСМ и коалицијата ќе значи пораз на стравот од различностите, на поделбите. Ќе зачекориме кон заедничка и споделена европска иднина“, порача Битиќи.
Зборувајќи за концептот на едно општество за сите, како суштинска политичка вредност на СДСМ, тој ја нагласи потребата граѓаните да го отфрлат национализмот како свој политички избор, затоа што тој е наметнат избор.
„Ве повикувам заеднички да го отфрлиме национализмот кој е надвиснат над Македонија, да кажеме НЕ на ксенофобијата, да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, рече Битиќи и додаде дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите, на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи.
„Нашата сакана земја е на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе, многу повеќе од тие што се прикажуваат како победници во првиот круг на претседателските избори. Затоа нема откажување, заеднички, едни покрај други, рамо до рамо, сите различни, продолжуваме и победуваме на 8-ми мај“, порача Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.