Црна хроника
Приведени двајца криумчари, пронајдени мигранти од Кина
По преземени мерки и активности, вчера во 17.40 и во 18.20 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север ги лишиле од слобода Д.М.(26) од Гевгелија, со живеалиште во Богданци и В.А.(28) од Пакистан, поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Претходно, В.А. бил забележан како од железничката пруга кај с.Табановце, кумановско, презема шест лица мигранти од Кина и ги спроведува во близина на автопатот „Пријателство“ кај селото Табановце, по што заминал. Набргу, на местото пристигнал Д.М. со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, во кое ги сместил мигрантите и се упатил кон Куманово.
По преземени мерки, возилото било запрено, по што Д.М. бил лишен од слобода, возилото било одземено, а мигрантите сместени во прифатен центар. Исто така, по преземени мерки, набргу бил пронајден и лишен од слобода и В.А.. Лицата биле предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена од Битолско ранетa со воздушна пушка додека работела на нива
Жителка на село Долно Српци, во битолскиот регион, завршила во болница со повреда од воздушна пушка додека работела на нива.
Според информациите од полицијата, во четвртокот околу 15:30 часот, во Клиничката болница во Битола била примена 54-годишната Д.М. со повреда во пределот на главата. Таа им објаснила на полицајците дека додека работела на нива помеѓу селата Долно Српци и Вашарејца, слушнала звук налик на истрел, по што почувствувала болка и забележала дека е повредена.
Увидна екипа на СВР Битола извршила увид на местото и потврдила дека повредата најверојатно потекнува од воздушна пушка.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителот.
Црна хроника
Неготинец пријавен за ширење расистички и навредлив материјал на социјалните мрежи
Полицијата во Неготино поднесе кривична пријава против 67-годишен жител на градот, осомничен дека на социјалните мрежи објавувал расистички и ксенофобични содржини.
Како што соопшти полицијата, Љ.Т. на 20 октомври годинава, преку својот личен профил и уште еден профил што го администрирал, објавил видео во кое користел погрдни и навредливи изрази за жители на селото Криволак. Во снимката, според пријавата, тој повикувал на дискриминација и ускратување на избирачкото право на група граѓани по етничка основа.
Ден подоцна, во полицијата во Неготино биле поднесени три пријави против него, а на 24 октомври дополнително реагирале и 107 жители на Криволак, кои писмено пријавиле дека видеото содржи навреди и невистини на национална основа поврзани со изборниот процес.
Осомничениот се товари за кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, а пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство во Кавадарци.
Црна хроника
Охриѓанец уапсен со оружје, муниција и 488 стебла канабис
Полициските службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид го уапсиле 48-годишниот Г.М. од селото Подмољје, поради сомнение за нелегално поседување оружје, муниција и наркотични растенија.
При претрес во поранешен угостителски објект во селото Мешеишта, општина Дебрца, кој го користел уапсениот, полицијата пронашла и одзела 1.357 парчиња муниција од различен калибар, 488 стебла од растението канабис, еден сандак со куршуми калибар 7,62 милиметри, два стари револвери, еден пиштол „VZOR“ калибар 7,65 милиметри, две автоматски пушки, како и делови од рачна бомба, тромблонски држач, пакување со црна грутчеста материја и ќеса со кафеава прашкаста материја.
Предметите биле одземени, а лицето е задржано во полициската станица во Охрид. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

