Македонија
Талат Џафери, директорите и УО на Фондот за здравство да си го загреат столчето, платите да се усогласат или генерален штрајк од 1 јуни, најави Синдикатот

Од 1 јуни повторно постои можност вработените во Фондот за здравствено осигурување во целата земја да престанат со работа, како во февруари годинава, кога запреа сите исплати од оваа институција. Некои од вработените денес излегоа на предупредувачки протест пред Фондот за здравствено осигурување во Скопје и повикаа да се одреди бодот по кој ќе им се пресметува плата кој засега е извесен само до крајот на мај, да се направи усогласување на нивните плати со минималната и да се разреши сегашниот Управен одбор оти не постапува по барањата на вработените. Доколку не им се исполнат барањата, на 15 мај ќе почнат предупредувачки протести, а на први јуни ќе стапат во генерален штрајк.
„Бидејќи сега веќе доаѓаме во цајтнот период каде што треба да се донесат и одлуки за усогласување на платата, како и вредност на бодот по 1 јуни, ние сакаме да го предупредиме овој состав на Управниот одбор да седне, да си ја сработи работата да си ги донесе одлуките и да не нè држи повеќе во неизвесност. Со оглед на тоа дека самите најавиле дека немаат намера до формирање на нова влада да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто воопшто постои Управниот одбор. Би било поетички сите да си дадат оставки, а на нивно место да си дојдат лица кои ќе си ја работат работата односно ќе си ги заработат парите кои им се дадени. Доколку ова не се случи до 15 мај, ние од 15 мај ќе почнеме секој ден, во сите градови во Република Македонија по еден до два часа да имаме предупредувачки протести, а отсега најавуваме дека од 01.06. ,доколку не е решено прашањето, стапуваме во генерален штрајк“, рече претседателот на Синдикатот на вработените во Фондот за здравство, Бранко Аџигогов.
Минатиот петок Синдикатот предложил точка на дневен ред на седница на Управниот одбор на Фондот да биде пресметката на бодот за вработените оти бодот е извесен само до крајот на мај со временото решение од Владата по штрајкот во февруари, а посочиле и дека платите треба да се усогласат со минималната плата, односно да се зголемат за 2392 денари по лице. Управниот одбор без образложени ја одбил точката, па вработени ќе знаат по кој бод им се пресметува плата само уште за месец мај.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на денешниот протест јавно ги повика Владата и техничкиот премиер да најдат решение и да не дозволат Фондот за здравствено осигурување да ги затвори вратите.
„Да искористам прилика да ја повикам Владата на чело со Талат Џафери, раководството на Фонд за здравство, сепак и овој Управен одбор, додека не го разрешат, да си го загреат столчето. Видоа што се случи во февруари кога Фондот за здравство штрајкуваше само два дена. Ги повикувам сите одговорни да не дозволиме овие вработени зад нас да ги затворат вратите бидејќи ако ги затворат вратите ќе патат само граѓаните на Република Македонија. Знаете какви услуги се даваат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Помагаме и работиме за најлошите случаи во државата. Апелирам до сите надлежни, не бараме ништо, бараме да ни останат платите исти како што се сегашните и бараме усогласување со пораст на минимална плата од 2400 денари. Ако тоа е проблем за 800 вработени, што правиме понатаму“, рече Деаноски.
Во февруари годинава во Фондот ширум земјава ги затворија шалтерите оти Управниот одбор прифатил препорака од Владата да им се намалат платите на сите вработени за 21 отсто. По два дена штрајкување Владата даде препорака платата да им остане иста, да не се намалува, но само до крајот на мај. Тогаш Синдикатот не го прекина, туку го само го стави во мирување штрајкот кој продолжи денес, а доколку не им се исполнат барањата платата да остане иста, да се усогласи со минималната и Управниот одбор да си поднесе оставка, од 15 мај ќе штрајкуваат по еден до два часа, а од 1 јуни престануваат со работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сабри Азири: Бујар Османи поминал повеќе од 10 години на власт, но ниту еден ден за Чаир

Сабри Азири, портпарол на изборниот штаб на кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата „Влен“, Изет Меџити, на прес-конференција зборуваше за политичката кариера на Бујар Османи и отсуството на резултати за граѓаните на Чаир.
Според Азири, Бујар Османи поминал 3.672 дена на високи државни функции, и тоа како министер за здравство (27 јули 2008 – 28 јули 2011) → 1.096 дена, вицепремиер за европски прашања (31 мај 2017 – 30 август 2020) → 1.187 дена, министер за надворешни работи (30 август 2020 – 23 јуни 2024) → 1.389 дена, претседавач со ОБСЕ (1 јануари 2023 – 31 декември 2023) → 365 дена.
Вкупно, 10 години и 22 дена на министерски и извршни позиции, пресмета Влен.
Сепак, во текот на сето тоа време, Азири рече дека Османи ниту еден ден не посветил на чаирчани.
Тој посочи неколку факти кои, според него, ја покажуваат хипокризијата на Османи: Нула дена за чаирчани – два дена со Сергеј Лавров во Скопје. Нула дена за чаирчани – една недела со Никола Груевски во Будимпешта. Нула вработувања за чаирчани – додека сопругата е вработена во АЕК, сестрата во М-НАВ, а бизнисот на братот на Османи напредува.
„Ова е реалниот биланс на Бујар Османи по повеќе од една деценија на власт. Затоа, денес тој нема образ да им ја побара довербата на граѓаните на Чаир“, заклучи Азири.
Македонија
Поранешниот директор на струмички „Комуналец“ пријавен за злоупотреби и бесправна градба

Полицијата во Струмица до Основното јавно обвинителствоподнесе кривична пријава против З.Г. (56) од Струмица – поранешен директор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Струмица, против јавното претпријатие, против Г.Б. (52) од Струмица и против правно лице од Струмица поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ по член 244-а во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Јавното претпријатие, застапувано од З.Г. и правното лице, застапувано од Г.Б., со заеднички дејствија изградиле објект од втора категорија, кој се користел како деловен објект, без издадено одобрение за градење од општина Струмица.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против поранешниот директор и поради постоење на основи на сомнение за сторени две кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Во првиот случај, пријавениот З.Г. склучувал договори за закуп на простор пред објект – настрешница со правно лице од Струмица, која била бесправно изградена на зелена површина. Договорите биле склучувани со непосредна спогодба иако станувало збор за простор за кој согласно Законот за комуналните такси е потребна согласност од општината и наплата на комунална такса. На тој начин била нанесена штета на буџетот на општина Струмица, а ЈПКД „Комуналец“ Струмица остварило финансиска корист во вкупен износ од 847.126 денари.
Во вториот случај, во периодот од 2020 до 2023 година, З.Г. од истото правно лице вршел набавка на храна и угостителски услуги без спроведување на постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки, со изговор дека храната била за работници кои работеле прекувремено. Во фактурите нема детално објаснување за набавките, ниту поткрепувачка документација за тоа кои лица користеле оброк и дали работеле ноќе или прекувремено, а претпријатието немало план за работа во смени. Со ваквите дејствија била причинета штета на претпријатието во износ од 307.800 денари.
Македонија
Мисајловски и Хелез на првиот академски час на Воената академија: Академијата е симбол на знаење и лидерство, со високо реноме и квалитетна настава

Денеска (01 октомври), министерот Владо Мисајловски и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез кој престојува во официјална посета на земјава присуствуваа и се обратија на првиот академски час на Воената академија, со што и официјално започна новата учебна година за идните офицери.
На новите питомци, министерот Мисајловски им порача да бидат горди што се дел од етаблирана и регионално позната Академија која ги создава идните лидери за македонската Армија и за вооружените сили на неколку земји од регионот.
„Вие сте срцето на татковината, од вас ќе излезат нови генерали, офицери. Гордост е да се види оваа слика со македонската униформа, но и со питомците од пријателски земји кои се заедно со нас“, им порача министерот Мисајловски на питомците. Додаде дека со вклучувањето на питомци од Босна и Херцеговина и Црна Гора, ја развиваме регионалната соработка, а Академијата е симбол за знаење и лидерство. „Бидете силно ангажирани, покажете како се сака татковината зашто вие сте иднината на Армијата“, рече Мисајловски.
Министерот Хелез истакна дека целите – стабилност, мир и членство во евроатлантските структури не се само политички аспирации, туку потреба за нашите народи за сигурност, просперитет и достоинствен живот. „Министерството за одбрана и вооружените сили на Босна и Херцеговина продолжуваат со интензивните реформи, за да бидеме целосно интероперативни со силите на НАТО и во согласност со европските стандарди. Во тој процес, искуствата и поддршката од земјите како вашата кои поминаа низ тие фази за нас се драгоцени“, рече министерот.
На првиот академски час се обрати и деканот на Воената академија, полковникот Ненад Танески на питомците им порача дека „униформата која ја носите е симбол на чест, доверба и служба, кон татковината и кон регионалната безбедност и мир“, укажувајќи дека средбата во ист состав, по четиригодишното образование, кога питомците ќе бидат промовирани во потпоручници, ќе биде најдобрата потврда за заедничкиот успех.