Македонија
Николоски: Во првите 100 дена од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донесеме измените на Законот за тутун со кој се забранува увозот на тутун
Зборувавме со земјоделците и она што е најголема грижа, секако е главниот извор на егзистенција на жителите на општина Конче, а тоа е производството на тутун. Зборувавме за маките на тутунарите, за тоа како е потценет нивниот труд, како цените за откуп не се тие кои што би требало да бидат, како се касни со исплатата, како се касни со субвенциите и како се помалце се произведува, рече од митингот во општина Конче, потпретседателот и носител на листата за пратеници во четвртата изборна единица, Александар Николоски.
Истакна дека тоа е жалната слика за македонското земјоделие каде што се помалку се произведува, за што се свесни и самите земјоделци и дека производството за тутун скоро за половина е намалено, што е трагично за државата имајќи предвид дека се работи за една стратешка гранка, гранка која што носи егзистенција на десетици илјади жители на Македонија.
„Во таа насока, една од првите работи кои што ќе ја направиме е усвојување на измените на Законот за тутун, со кој што ќе се забрани увоз на тутун во Македонија со цел да се откупи целокупниот домашен тутун, по пристојни цени и да се произведува повеќе од она што се произведува до сега. Ние како пратеници, два пати тој закон го поднесувавме во Собранието, но за жал немавме мнозинство за да го изгласаме, пратениците на СДСМ и на ДУИ овој закон не го гласаа од чисто бизнис интереси, затоа што главен увозник на тутун во моментов во Македонија е братот на министерот за земјоделие, Љупчо Николоски“, рече Николоски.
Така што, посочи дека од чисто лични бизнис интереси, досегашното парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ не го поддржаа тој закон, но затоа пак ВМРО-ДПМНЕ измените на Законот за тутун ќе ги донесе во првите 100 дена од формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, ние апсолутно, планираме тој закон да го изгласаме уште во првите 100 дена после формирањето на Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ со цел вашиот труд биде почитуван, да можете да заработувате добра и да можете чесно да живеете тука“, истакна Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

