Топ
Избоден малолетник во Куманово, пренесен е болница

Малолетно момче било избодено синоќа во Куманово.
Од МВР велат дека момчето се здобило со повреди и било пренесено во Ургентниот центар.
Засега е познато дека зад нападот стои едно лице, но од МВР без детали што претходело и дали двајцата се познавале.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски бара нова пресуда за прегазената Теодора во Тетово: „Ова не е правда“

Премиерот Христијан Мицкоски побара да се разгледа работењето на судијата во Тетово, кој вчера досуди две години затвор за возачот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска пред три години. Тој побара нова пресуда за случајот и рече дека вчерашната пресуда не е правда, туку станува збор за потфрлање на системот по сите основи.
„Вчера, јавноста најново се згрози за случајот во Тетово. По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, сторителот кој одзеде млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор за Врховниот суд да ги укине двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот, кој смртно одзеде недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата.
„Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица, и сите што на кој било начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата“, рече Мицкоски.
Премиерот уверува дека ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност.
Тој додаде дека лично ќе го следи случајот и вети дека правдата ќе биде истерана до крај.
„Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова е моментот кога мора да покажеме дека законите важат за сите“, рече Мицкоски.
Македонија
Две средни училишта во Скопје добиле дојави за бомби

Во две средни училишта на територијата на Скопје утрово стигнале дојави за поставени бомби.
Од полицијата информираа дека биле извршени сите потребни проверки и се работело за лажни дојави.
Македонија
Четворица повредени во пожарот во Кочани ќе бидат отпуштени од болницата во Софија

Четворица пациенти, кои се лекуваат во болницата „Пирогов“ во Софија, Бугарија, денеска ќе бидат отпуштени од болница, изјави Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија. Сите четворица се во добра состојба.
„Дадени се инструкции, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од нивната состојба, ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“, додаде таа.
Во софиската болница на лекување остануваат уште четворица други пациенти.
Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 61, а речиси 200 лица беа повредени. Некои од повредените се пренесени на лекување во други земји. Во Бугарија се хоспитализирани 16 повредени – од нив, осум во болницата „Пирогов“ и по тројца пациенти во болниците во Пловдив и во Варна.