Свет
Голема акција во Италија: 142 лица се приведени за шверц на дрога, меѓу кои и цариници и полицајци
Италијанските власти соопштија дека денеска во операција против калабриската мафија Ндрангета („Свети луѓе“) привеле 142 лица активни во трговијата со дрога од клановите на градот Козенца, на југот.
Полицијата вели дека овие луѓе се осомничени за врски со „Ндрангета, трговија со дрога, мафијашко здружение и други злосторства.
Приведен е и службеник на италијанската царина и финансиска полиција.
Обвинителот на блискиот град Катанзаро, Винченцо Капомола, изјави за новинарите дека мафијашките групи ги „гушат“ трговците и претприемачите изнудувајќи од нив пари, а дека користат дури и малолетници за нивната главна дејност – трговија со дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Полицијата ги објави првите детали за напаѓачите од возот во Англија
Две лица сè уште се борат за живот по масовниот напад со нож во воз помеѓу Донкастер и Лондон вчера вечерта, соопшти британската полиција.
Нападот се случил во 18:25 часот по локално време во воз на Лондонската североисточна железница (LNER) што сообраќал од Донкастер во Јужен Јоркшир до станицата Кингс Крос во Лондон. Според полициските податоци, десет лица се повредени, од кои девет имале повреди опасни по живот. Четворица оттогаш се пуштени од болница, додека двајца се сè уште во критична состојба.
Надзорникот Џон Лавлес изјави на прес-конференција на станицата Хантингдон дека „во рок од осум минути од повикот на 999, двајца мажи се уапсени“.
„Тие се 32-годишен маж, црн британски државјанин и 35-годишен маж со карипско потекло. И двајцата се родени во Обединетото Кралство и се уапсени под сомнение за обид за убиство“, рече Лавлес.
Тој додаде дека во моментов „нема ништо што укажува дека станува збор за терористички напад“. Истрагата ја води Британската транспортна полиција, во соработка со антитерористичките единици, кои помагаат да се утврдат околностите и мотивите на нападот.
Според сведочењето на патниците, напаѓачот почнал да боде луѓе по случаен избор откако возот поминал низ Питерборо во Кембриџшир. Полицијата добила неколку повици од возот околу 19:40 часот, и набрзо бил запрен на станицата Хантингдон, на околу 15 минути возење од Питерборо.
Вооружени полициски сили пристигнале на местото на настанот и влегле во возот и ги привеле двајцата осомничени. Сведоците рекле дека полицајците користеле елетрошок за да совладаат еден од мажите кој држел нож.
На местото на настанот беа испратени бројни екипи за итни случаи, вклучувајќи и хеликоптерска амбуланта. Според полициските проценки, целиот инцидент траел помеѓу 10 и 15 минути. Неповредените патници биле испрашувани, а некои од нив биле префрлени во Лондон со автобус.
Пратеникот од Хантингдон, Бен Обез-Џекти, изјави за Би-Би-Си дека по пристигнувањето на местото на настанот, пронашол „околу десетина амбулантни возила, неколку противпожарни возила и повеќе од 20 полициски автомобили“. Железничката станица и блискиот пат А1307 останале затворени во недела наутро, додека возот сè уште бил на перонот под полициски надзор.
Сведоците опишаа сцени на паника и хаос во вагоните за Би-Би-Си, додека патниците трчале и се обидувале да избегаат од напаѓачот.
„Слушнав некого како вика „бегајте, човекот буквално ги боде сите“, мислев дека е шега поради Ноќта на вештерките“, рече Оли Фостер. Тој видел постар човек со рани на главата и вратот кој се обидел да ја заштити девојката од напаѓачите, додека другите патници се обидувале да го сопрат крварењето со своите јакни.
Друг сведок, Врен Чемберс, рече дека едно лице било избодено во раката и трчало низ возот за да ги предупреди другите патници, додека некои избегале во паника кон предниот дел од возот, а други се скриле во тоалетите.
Дин Мекфарлан, вработен во лондонското метро, рече дека на перонот на станицата Хантингдон видел неколку луѓе како трчаат крвави и преплашени, меѓу нив и човек во бела кошула „целосно покриен со крв“.
Премиерот Кир Стармер го нарече нападот „ужасен“ и „длабоко загрижувачки“. Полицијата сè уште ги истражува сите околности на инцидентот.
Свет
По 20 години изградба, отворен Големиот египетски музеј во Каиро
Во Каиро синоќа беше свечено отворен Големиот египетски музеј, проект што се градел повеќе од дваесет години.
На отворањето присуствуваа околу 40 државници и високи претставници од целиот свет.
Музејот, најголемиот во светот посветен на древната египетска цивилизација, почнал да се гради во 2002 година, според награден проект на ирската архитектка Рошин Хениган и нејзиниот сопруг Ши-Фу Пенг.
Свеченоста беше збогатена со премиерна изведба на симфонија од египетскиот композитор Хешам Незих, во која има и пеење на староегипетски јазик.
Музејот се простира на површина од над 500.000 квадратни метри и содржи 12 галерии со повеќе од 24.000 експонати. Со официјалното отворање, за првпат е изложена целата збирка од 5.398 предмети од гробницата на фараонот Тутанкамон, како и соларниот брод на фараонот Кеопс, преместен од музејот кај пирамидата во новиот комплекс.
Свет
Израел до Либан: Исполнете ја обврската за разоружување на Хезболах
Израел изврши нов напад врз позиции на Хезболах во јужен Либан и уби четворица припадници на групата, соопшти израелската војска.
Министерот за одбрана Израел Кац ја повика либанската влада да ја исполни својата обврска и да го разоружа Хезболах, според договорот за примирје од ноември 2024 година постигнат со посредство на САД.
Кац најави дека Израел ќе ги засили мерките за заштита на северната граница, додека САД и Саудиска Арабија вршат притисок врз Бејрут да ја спроведе обврската за разоружување на милитантната група.
Извор од либанонската војска изјавил за „Ројтерс“ дека е уништен голем дел од складиштата на Хезболах, но дека мора да се внимава за да не се зголемат тензиите во земјата.
Хезболах, значително ослабен по минатогодишната војна со Израел, се придржува до примирјето, но предупредува дека би можело да дојде до нов судир ако државата преземе понатамошни чекори против групата.

