Македонија
Велковски: Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока цел

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, заедно со претставникот на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, денeска, во детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден присуствуваше на промоција на проектот „Градење здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст”.
„Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока национална, општествена и лична цел“, потенцира Велковски и додаде дека здравата и безбедна храна е неопходност за подобар раст и развој на децата, особено во првите години од животот.
Во рамките на соработката со УНИЦЕФ почна реализацијата на проектот „Градење здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст”, во партнерство со асоцијацијата ЕДУЛЕНД, а активно учество во проектот зеде и Здружението за одржлив развој АРЕТЕ.
„Како резултат на овој проект произлегоа едукативни обуки, кои почнуваме да ги пилотираме првично во 4 градинки за вработените во предучилишните установи, а понатаму во план е да опфатиме уште 30 градинки во целата држава. Она што ме радува е дека на овие обуки учесници се вработените во детските градинки: директор, стручни работници и соработници, воспитувачи, негуватели и вработени во кујните во кои се приготвува храната за децата. Исто така, се изработи и прирачник со насоки за здрава исхрана“, рече министерот за труд и социјална политика.
Министерот Велковски додаде дека воспитувачите и негувателите од раното детство имаат клучна улога во обликувањето на здравите прехранбени навики на децата не само преку храната што ја нудат во градинките туку и, како што рече, преку однесувањето што го моделираат, нивните интеракции со децата за време на оброците, дискусиите и активностите што ги преземаат со децата.
„Од овие причини практичното унапредување на нивните професионални компетенции има големо значење“, потенцира министерот Велковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на централната прослава на 2 Август во Крушево

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 2 август, на „Мечкин Камен“ во Крушево ќе се одржи централната прослава на Денот на Републиката.
Чествувањето на Илинден ќе започне со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, потоа на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а ќе продолжи со панихида во храмот „Св. Никола“. Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе има и свое обраќање.
Редослед на настани:
– 09:30 часот – положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, „Македониум“;
– 10:00 часот – положување свежо цвеќе на споменикот на хероите на месноста „Слива“;
– 10:30 часот – панихида во храмот „Св. Никола“;
– 12:00 часот – централна прослава на „Мечкин Камен“.
Македонија
Раководител во општинскиот инспекторат во Битола обвинет за бесправна градба

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Бесправно градење.
„Обвинетиот раководител во општинскиот инспекторат во Битола, во временскиот период од октомври 2013 година до март 2016 година, во атарот на селото Дихово, надвор од градежен реон, односно во местото викано „Трновски ливади“, на земјоделско земјиште во сосопственост на повеќе физички и едно правно лице изведувал градба и изградил помошен објект на три ката со вкупна површина од 193 м2“, соопшти обвинителството.
Објектот го изградил без претходно да обезбеди согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и без одобрение за градење.