Црна хроника
Поднесени две обвиненија за назначување директори на училишта во Струшко
Основното јавно обвинителство Струга поднесе два обвинителни предлога за кривични дела несовесно работење во службата од 353-в и продолжено кривично дело фалсификување исправа според член 378 од Кривичниот законик, а поврзани со работата на училишта на територијата на општина Струга.
Во првиот предмет обвинети се четири лица. Првообвинетата – наставник по француски јазик во основното училиште во Велешта – употребила три лажни јавни исправи како вистинити, кои ги искористила за полагање стручен испит во Државниот испитен центар. Другите тројца – градоначалникот на општина Струга, директорот и помошник-директорот на училиштето – ги прифатиле фалсификуваните документи во постапката за полагање стручен испит, вработување како наставник, но и за назначување на првоосомничената за в.д. директор на училиштето во периодот од 19.4.2022 до 6.9.2023 година.
Во вториот предмет обвинет е градоначалникот на општина Струга за кривично дело несовесно работење во службата од 353-в бидејќи донел решение со кое за в.д директор на основното училиште во селото Подгорци именувал лице што не ги исполнувало условите, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, како што е предвидено во Законот за основното образование. Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало директорската функција во периодот од 11.11.2022 до 25.4.2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со возило излетале на патот кон Пробиштип, тешко повредена сопатничката
Вчера во 15.20 часот во Полициската станица Пробиштип било пријавено дека на регионалниот пат од с.Неокази кон Пробиштип, патничко возило „форд“ со пробиштипски регистарски ознаки, управувано од Г.П.(65) од Пробиштип, излетало надвор од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката М.П.(66) од Пробиштип, констатирани во Општа болница Кочани.
Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Почина 56-годишна жена, излетала со возилото на пат во Гевгелиско
Вчера во 07.00 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на автопат А1, на делницата од клучка с.Прдејци до клучка с.Смоквица, патничко возило „шкода“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од В.К.(56) од Гевгелија, излетало надвор од патот.
Од здобиените повреди на местото починала В.К., а смрт констатирал лекар од Медицински центар Гевгелија. Увид на местото извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и екипа на ОВР Гевгелија. По наредба на обвинител телото на починатата било предадено на обдукција.
Црна хроника
Приведен шверцер, пронајдени осум мигранти од Сирија
Денеска во 01.15 часот во близина на с.Богородица, гевгелиско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица го лишиле од слобода Д.Б.(25) од Република Турција. При преглед во возилото „шкода фабиа“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени осум лица мигранти од Сирија.
Лицето било задржано во полициска станица, а мигрантите и возилото биле пренесени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.