Свет
Ердоган против Евровизија: „На вакви настани стана невозможно да сретнеш нормален човек“
Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Турција, рече дека Евровизија поттикнува родова неутрализација и го загрозува традиционалното семејство.
Во неодамнешното обраќање Ердоган ги опиша учесниците на Евровизија како „тројански коњи на перверзијата на општеството“ и оцени дека неговата влада била во право што не испратила свој претставник на натпреварот од 2012 година.
Оваа година победата на Евровизија ја освои швајцарецот Немо, кој со тоа стана првиот небинарен човек, кој триумфирал во тоа натпреварување.
„Стана невозможно да се сретне нормална личност на такви настани“, рече Ердоган, чија владејачка Партија на правдата и развојот има корени од исламското движење во Турција и чија влада стана помалку толерантна кон правата на ЛГБТ во последните години.
Според него, Изборот на песна на Евровизија е срамно натпреварување и сега се гледа дека одлуката на Турција да не учествува на него била точна, пренесува „Гардијан“.
Ердоган зборуваше и за популациска политика и оцени дека падот на наталитетот претставува егзистенцијална закана и катастрофа за Турција.
Најновите статистички истражувања покажуваат дека една жена во Турција има во просек по 1,5 деца, а турскиот лидер ги повикува семејствата да имаат најмалку три деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Силен земјотрес во Грција
Земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран ноќеска во близина на Кефалонија, јавува ЕМСЦ.
Според досегашните информации, земјотресот се случил околу 3 часот по полноќ на длабочина од 16 километри.
Засега нема информации за евентуална штета или повредени.
Свет
Трамп: Зеленски не требаше да дозволи војната да започне, но тоа не значи дека нема да му помогнам
Доналд Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за помагање во започнувањето на војната со Русија. Последното појавување на републиканскиот кандидат навести радикална промена на политиката кон Украина доколку победи на изборите на 5 ноември.
Поради милијардите долари во воената помош на САД за Украина од почетокот на војната во 2022 година, поранешниот републикански претседател редовно го критикуваше Зеленски за време на кампањата, постојано нарекувајќи го „најголемиот трговец во светот“.
Трамп, исто така, го критикуваше украинскиот лидер дека не бара мир со Москва и предложи Украина да и отстапи одредена територија на Русија за да постигне мировен договор, отстапка што Киев ја смета за неприфатлива.
Трамп отиде чекор понатаму во гостување во поткаст. Тој рече дека токму Зеленски треба да биде обвинет не само што не ја завршил војната, туку и што помогнал да избие. „Тоа не значи дека не сакам да му помогнам бидејќи многу ми е жал за тие луѓе. Но, тој никогаш не требаше да дозволи да започне таа војна. Во војна, сите се губитници“, рече Трамп.
На состанокот во Њујорк во септември, Зеленски му го претставил на Трамп неговиот план за завршување на војната, а средбата, според двајцата лидери, била срдечна. Сепак, јавните коментари на Трамп сугерираат дека тој ќе ја прекине помошта за Украина доколку ја победи демократската кандидатка Камала Харис.
Тој во неколку наврати изјави дека ќе стави крај на конфликтот кога ќе ја преземе претседателската функција во јануари, но не објасни како. Харис вети континуирана поддршка за Украина и ја истакна победата на украинската нација како американски национален безбедносен интерес. Таа постојано го критикуваше Трамп дека не сака да му се спротивстави на рускиот претседател Владимир Путин.
Свет
Турски министер: Евентуалната војна меѓу Израел и Иран е сериозна закана за регионот
Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан изјави дека евентуална војна меѓу Израел и Иран треба да се смета како голема веројатност и предупреди дека Турција и регионот треба да се подготват за тоа, пренесува Анадолија.
Фидан во интервју за Хабер Глобал ја коментира актуелната ситуација во Турција и регионот.
На прашањето да ги коментира израелските тврдења дека шефот на политичката канцеларија на Хамас, Јахја Синвар, е убиен во напад на Газа, Фидан потсети дека Турција од 7 октомври 2023 година на сите платформи предупредува дека војната ќе ескалира и ќе донесе геополитички проблеми.
Во врска со тврдењето дека Синвар е убиен, Фидан рече дека се уште нема потврда од Хамас и дека треба да почекаме.
„За жал, Газа е претворена во гробишта под отворено небо, каде што се убиени десетици илјади невини луѓе и извршен е геноцид“, рече Фидан.
Запрашан за неговиот состанок со лидерот на Хезболах Хасан Насрала пред да биде убиен, Фидан рече дека по состанокот истакнал дека Хезболах нема да изврши сеопфатен напад и дека ќе ја задржи сегашната позиција.
Фидан изјави дека тогаш процениле дека израелскиот воен план има за цел да ги елиминира, еден по еден, Хамас, Хезболах, Хутите во Јемен и други елементи кои претставуваат закана за него.
Тој посочи дека земјите од регионот не ја покажуваат чувствителноста што ја покажуваат кон Палестина кога станува збор за Либан.