Скопје
Технички проблем поради кој се навали кранот ќе биде наскоро решен

Технички проблем е причината поради која се навалил кранот на градежниот објект на новата зграда „Флетајрон“ и се очекува истиот да биде отстранет во најскоро време, соопшти инвеститорот на зградата, Адора инженеринг.
Од градежната компанија информираат дека кранот е на компанија Факом, која е ангажирана како подизведувач во изградбата на Адора Flatiron Скопје.
„Денеска при крајот на работното време, се случи технички проблем, со мали оштетувања на ангажираната автодигалка од страна на Факом, при што дојде до прекин на работата, без никакви повреди ниту оштетувања на објектот Адора Flatiron Скопје, ниту на соседните објекти“, се вели во соопштението на Адора инженеринг.
Притоа се наведува дека Факом ги презел веднаш сите потребни активности за надминување на техничкиот проблем, без евентуална опасност за објектот и за околината.
„Стручната екипа на Факом веќе работи на терен и во најскоро време техничкиот проблем ќе биде надминат“, стои во соопштението на Адора инженеринг.
Во соопштението се истакнува и дека Факом е реномирана компанија од Скопје која има повеќедецинска традиција и потврденост во градежниот сектор и конструкциите.
Навалувањето на кранот предизвика вознемиреност кај семејствата кои живеат во куќите во близина на објектот
Висококатницата по урнекот на позната зграда „Флетајрон“ во Њујорк се гради на влезот на Кисела Вода, на местото на поранешната фабрика „Цветан Димов“ . /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Утре и в среда посебен сообраќаен режим во Скопје

Утре и в среда посебен сообраќаен режим во Скопје поради официјална посета на претседателот на Република Словачка, Пелегрини и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен
На 14/15.10.2025 година (вторник и среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува претседателот на Република Словачка, Н.Е. Петер Пелегрини.
На 15.10.2025 година (среда) во официјална посета на Република Северна Македонија ќе присуствува претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од тие причини СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Неколку улици во Кисела Вода денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на Виктор Иго 22, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Виктор Иго, Дренак, Драга Стојановска, Иван Козаров и Невена Георгиева-Дуња.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со работните активности и дека
· поради уличен дефект ф-150мм на улицата Христо Татарчев бб (Теферич), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од 3-та зона Припор.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со работните активности.