Македонија
Силјановска-Давкова со хрватската амбасадорка Тигањ: двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата се разговараше за одличните билатерални односи коишто се одликуваат со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, претседателката истакна дека двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет на регионот и пошироко.
Сиљановска Давкова упати честитки до премиерот Андреј Пленковиќ по повод формирањето на новата Влада во Република Хрватска.
Ја истакна важноста на цврстата и континуирана хрватска поддршка за македонскиот евроинтегративен процес како најдобар пат за развојот на регионот и за стабилноста на Европа.
Таа ја нагласи и посветеноста на двете земји како НАТО сојузници за промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот за меѓународните мировни операции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Синдикат на култура: Работници немаат добиено плата за мај, инструкции се даваат по телефон

Две институции од областа на културата, НУ Стоби и ЈУ Универзална сала, немаат плата за мај. Причината лежи во тоа што Министерството за култура одбива да ги почитува одлуките на Управните одбори на овие институции и бара платите да се исплатат спротивно на Колективните договори и важечката законска регулатива, велат од Синдикатот на културата.
Од таму велат дека новото име на Министерството за (култура) и туризам е „нема плата“.
Синдикатот тврди дека од Министерството за култура телефонски се даваат инструкции за пресметка на платите спротивно на одлуките на Управните одбори, со образложение дека тоа било наложено од Министерството за финансии.
Со ова, велат од Синдикатот, ги става директорите под ризик да бидат обвинети за непочитување на законските одредби.
„Безобразието оди дотаму што, кога институциите уредно ќе побараат писмен документ како основа за такви противзаконски насоки, одговорот е закана: ‘нема да земете плата со месеци’. Со тоа, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни“, се вели во соопштението.
Од Синдикатот велат дека министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, останува пасивен набљудувач на ситуацијата, свесен дека Министерството за култура во континуитет ги крши законите на штета на културните работници.
Синдикатот бара од Министерството за култура веднаш да ги исплати платите согласно одлуките на Управните одбори, а доколку повторно се повика на Министерството за финансии како кочничар на исплатата на платите согласно закон, Синдикатот бара јавно да ги објави одредбите со кои ќе бидат поткрепени овие тврдења дека исклучиво Министерството за финансии е одговорно за кратењето на правото на плата на вработените во културата.
Македонија
Муцунски на настан во Хаг посветен на анализата на клучните одлуки донесени на самитот на НАТО

На маргините на НАТО-самитот, што изминатите два дена се одржа во Хаг, Холандија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, зеде учество на настан посветен на анализата на клучните одлуки донесени на самитот.
Во рамки на своето обраќање, министерот Муцунски нагласи дека одлуките што ги носиме денес ја обликуваат иднината утре.
„Мирот не се одржува по случајност, туку преку подготовка, единство и заедничка посветеност на справување со предизвиците“, потенцираше тој.
Фокусот на дискусијата беше ставен на разговорите меѓу сојузниците за рамноправна распределба на одговорностите, потребата од зголемување на индустриското производство во одбраната, како и на развојот на дигитални иновации за јакнење на одбранбените капацитети на Алијансата.
Македонија
Поднесено обвинение за таткото од Драчево кој ја тепаше крвнички неговата четиригодишна ќерка

Обвинителството поднесе обвинение против таткото од скопско Драчево кој крвнички ја тепаше неговата четиригодишна ќерка.
„Обвинетиот, на 21 јуни, вршејќи насилство во семејниот дом во населба Драчево, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка родена во 2021 година.
Додека мајката приготвувала јадење, а оштетеното дете си играло со нејзините сестри, во еден момент се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките. На тоа обвинетиот се вознемирил и започнал да му се обраќа на детето со груби навреди. Потоа започнал да манифестира и физички насилно однесување кон оштетеното дете, удирајќи ја ќерката со шлаканици по лицето. На тој начин и нанел телесни повреди – набиеници и гребаници со крвни подливи, а продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие“, соопшти Обвинителството.
Бидејќи се уште постојат законските основи и околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
На социјалните мрежи беа објавени видеа и фотографии од монструозниот чин.