Топ
Човечко тело извлечено од надојдената вода на вливот на реката Тополка во Вардар

На единствениот број за итни повици 112 во ЦУК, вчеравечер, конкретно 21.30 часот, имаше пријава од рекреативен риболовец дека е забележано безживотно човечко тело на вливот на реката Тополка во реката Вардар. Конкретно, тоа било во близина на мостот на петнаесетина метри од брегот на попречни шипки во речната надојдена вода.
Од Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш биле известени сите субјекти од Системот за управување со кризи за безживотното човечко тело за да се постапи според итниот случај (МВР, ДЗС, ТППЕ Велес, лицето за контакт во Општина Велес, како и тимот спасители на вода од доброволното друштво „Македонски спасител“ за безбедност на вода и планина од Велес). Но, тие не интервенираа вечерта поради опасноста, по учесниците во акцијата, од надојдената вода во Вардар и брзото речно корито. Акцијата координирана на терен од СВР Велес продолжи утрово.
Безживотното човечко телото е извлечено од речната вода денеска по 10 часот од страна на Единицата за специјални задачи при МВР, а потоа е идентификувано од страна на синот, кој вчера во 8.30 часот во СВР Велес го пријавил за исчезнат својот татко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И јас ќе ги прашам Фетаи и Меџити дали користеле службени возила за приватни или партиски цели, вели Мицкоски

Десет дена по медиумските објави, во кои се гледаат службени возила на вицепремиерите Изет Меџити и Арбен Фетаи нешто пред полноќ паркирани пред трговскиот центар „Мавровка“, премиерот Христијан Мицкоски не знае дали таму биле на владин состанок. Тој денес рече дека ќе ги праша на каков состанок биле со службените возила.
„Ние како Влада работиме до доцна навечер, и јас исто така. Сигурно биле на состанок во кој имало потреба и поврзани работи со Владата, а доколку не биле, тогаш треба да им се извинат на граѓаните. Ако ги користеле за приватни или партиски цели, да им се извинат на граѓаните затоа што ги трошат ресурсите на граѓаните. Но, доколку имале состанок на тема поврзана со владините политики, тогаш во ред. Претпоставувам дека тие ќе го дадат одговорот, а и јас ќе ги прашам“, рече премиерот Мицксоки.
Екипа на „360 степени.мк“ на 18 јуни објави дека ги фотографирала службените автомобили на заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, и на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, паркирани на булеварот Крсте Петков-Мисирков пред трговскиот центар „Мавровка“ околу 23 часот, во близина на партиски штаб на „Вреди“, чии членови се обајцата.
Вицепремиерите сѐ уште јавно не кажаа на каков состанок биле.
За да се избегне користењето службени возила за приватни и за партиски цели, оваа Влада најави регистарски таблички во боја за да може секој граѓанин да ги разликува од приватните возила и да пријави сомнеж за злоупотреба, но најавата сѐ уште не е реализирана.
Македонија
Мицкоски за интерпелацијата на Коцевски: Јас не ги менувам ставовите преку ноќ

На еден ден пред расправата за интерпелацијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата Левица, премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го менува ставот ниту тој како човек ниту, пак, го менува ставот партијата ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски уште во март, по пожарот во Кочани, рече дека ќе им даде шанса и на Коцевски и на другите обвинители да работат и да сработат имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата.
„Јавноста ќе види утре. Ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи новинарски прашања по свеченото отворање базен во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода.
Интерпелацијата за Коцевски ја поднесе партијата Левица во јуни поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пратениците утре ќе расправаат за интерпелацијата на Коцевски во рамките ја 64. пленарна седница на Собранието.
Обвинителот Коцевски ги отфрли сите наводи во интерпелацијата и рече дека функцијата ја врши чесно и одговорно.
Македонија
Споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето поставен на кружниот тек во Автокоманда

Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој беше отстранет од пред комплексот судови, е поставен на кружниот тек во Автокоманда.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија.
Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Споменикот претходно беше поставен пред комплексот судови, а беше отстранет од претходникот на Арсовска, Петре Шилегов.
Арсовска во 2023 година информира дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен-обележјето на македонскиот револуционер Ќосето, на нова локација, кај хотелот „Континентал“ односно на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и булеварот Беласица.
Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. По доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба, односно нема решение за негово поставување.
Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации.
Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.