Свет
Влегла во школски автобус и ја снемало: продолжува потрагата по деветгодишното девојче во Германија, се проверуваат подруми, тавани
Продолжува потрагата по деветгодишната Валерија, која исчезна во понеделникот наутро во градот Дебелн, Германија, кога се качила во училишниот автобус.
Освен во Германија, полицијата истражува и во Чешка, Полска и во Украина поради страв дека девојчето по потекло од Украина е вратено во татковината, пренесува „Билд“.
„Во Дебелн постои голема загриженост. Исто така, чувствувам јасна желба на луѓето да помогнат“, рече градоначалникот на малиот град со 24.000 жители.
Во потрагата се вклучија и приватни тимови.
„Билд“ забележува дека има неколку работи што треба да се земат предвид за независната потрага по исчезнатата Украинка да не се меша во полициската истрага.
„Во принцип, приватните претреси не се забранети. Нема да интервенираме во овој поглед“, изјави за „Билд“ портпаролот на полицијата, Анджеј Риџик (39).
Но, полицијата има мала надеж дека нивните сопствени операции за пребарување ќе бидат успешни,бидејќи тие обично се ограничени на области што веќе ги пребаруваат полицајците.
Истовремено, полицијата ги предупредува приватните тимови за пребарување да не влегуваат во туѓи приватни имоти без согласност на сопственикот на имотот.
„Ни помага многу повеќе ако секој погледне во сопствената околина и види каде може да има засолништа“, вели Риџик.
Тој ги повикува граѓаните да ги проверат своите градини, подруми, гаражи, шупи и потпокриви. Можеби таму се крие исчезнатата Валерија.
„Важно е секоја трага, без разлика колку е мала, веднаш да се пријави во полиција. Тоа може да биде, на пример, парче облека што претходно го немало или нешто што укажува на место за спиење или пакувања со храна“, изјави портпаролот на полицијата.
Како што соопштија од полицијата, истрагата продолжува во сите правци. Во моментот не може да се исклучи кривично дело. Во четвртокот беше спроведена најголемата операција за пребарување од исчезнувањето на Валерија, со повеќе од 300 припадници на итната помош.
Граѓаните се јавија на повикот на полицијата и ја проверуваат нивната околина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

