Македонија
Девет пожари на отворено во изминатото деноноќие, некои од нив во Ѓорче Петров, Сарај и Гази Баба

Девет пожари на отворено се регистрирани во последното деноноќие и сите се изгаснати, соопшти утрово Центарот за управување со кризи.
Пожарникарите интервенирале за гаснење во општините: Ѓорче Петров, Сарај и Гази Баба (заради запалено ѓубре); Радовиш кај нас. Дамјан, Штип, кај „Авто Чајка“ и во Желино, кај с. Чифлик (заради запалена ниска вегетација); Тетово кај с. Фалише (депонија) Опш. Маврово и Ростуше .
Галичник (трансформатор на отворено и грмушки) и во Општина Демир Хисар во изминатото деноноќие имале една помала интервенција.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
„Корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.“, додаваат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче најави санкции во партијата: дел од советниците за лични интереси соработувале со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави внатрепартиски промени во начинот на избор на кандидати за градоначалници и за советници на следните локални избори.
„Ќе предложам советниците да ротираат, односно да имаат мандат од две години, а потоа следните од листата да влезат во советот. Така ќе им дадеме шанса на двојно повеќе наши другари и другарки да бидат советници во рамки на четиригодишниот мандат. Тоа е фер и дава можност за поголема вклученост“, изјави Филипче на состанок со Општинската организација на СДСМ Аеродром.
Тој најави и нов кодекс на однесување којшто ќе мора да го потпишат сите советници:
„Дел од досегашните советници не си ја вршеа добро работата, дел соработуваа со градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ама само за лични интереси. Тоа повеќе нема да се дозволи. Ќе има санкции за прекршување на кодексот“.
Во однос на изборот на кандидати, претседателот на СДСМ порача дека ќе го поддржи секое решение што ќе дојде од базата.
„Вие во општинските организации најдобро знаете кој има капацитети и доверба кај граѓаните. Не сакам да наметнувам, туку да слушам“, рече претседателот Венко Филипче вечерва во Аеродром.
Филипче се осврна и на актуелната локална власт во Аеродром, истакнувајќи: „Се чудам како ВМРО-ДПМНЕ повторно го предлага актуелниот градоначалник на Аеродром. Полош градоначалник, според мене, Аеродром никогаш немал“.
Македонија
СДСМ: Зошто во случајот со директорот на АНБ не е постапено како со двете директорки на училишта

СДСМ обвинува за селективност во одлуката за отфрлање на кривичната пријава против директорот на АНБ, Бојан Христовски. Од партијата утрово велат дека Јавното обвинителство се ставило во улога на алатака во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо независен огран ослободен од политиката, да го брани јавниот интерес и владеењето на правото гледаме скандалозно селективни постапки за перење на Христовски и незаконското назначување за директор на АНБ.
Зошто обвинителството не е побарало официјален одговор директно од ETS – Educational Testing Service, институцијата што ги издава ТОЕФЛ сертификатите?
Зошто не е постапено идентично како со двете директорки на училишта и со директорката на болница во Дебар, кои беа гонети и осудени затоа што користеле фалсификувани ТОЕФЛ сертификати добиени од исто место како Христовски – јазичното студио „Јулија“?
Во сите овие случаи, обезбедени се докази директно од ЕТS и тоа за многу кратко време. Зошто сега, кога станува збор за Христовски, партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ е целосно игнориран ETS од страна на Обвинителството?
Оваа скандалозна одлука не само што ја руши довербата во институциите, туку и потврдува дека сѐ уште живее духот на тефтерчињата од времето на Груевски.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт, нема и не може да има правда“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
Група инжинери со претстaвка до РКЕ: „Граѓаните да имаат реални сметки за струја базирани на реално мерење“

Новиот Закон за енергетика, јасно ја уредува обврската за мерење и фактурирање на електричната енергија според реална потрошувачка, но со тоа повторно се отвори прашањето за законитоста на членот 31 од Правилата за снабдување (донесени во 2018), кој дозволува издавање сметки врз основа на проценета, наместо реална потрошувачка во случаи на неотчитување на мерните уреди, велат од неформалната група Инжинери на Македонија.
Поднесена е претставка до Регулаторната комисија за енергетика, со која се укажува дека оваа одредба повеќе нема правна основа, бидејќи уредува прашање што сега е јасно дефинирано во Законот и тоа на поинаков начин. Укажаваат дека со тоа се крши хиерархијата на правни акти.
„Иако поднесовме амандман и добивме уверување од Министерството за енергетика дека спорниот став 2 од членот 185 ќе биде отстранет, тој сепак остана во Законот, дозволувајќи проценка на потрошувачката „кога мерењето не е извршено“. Но мерење постои бидејќи сите домаќинства имаат струјомери. Проблемот е административен а не технички. Затоа на последниот состанок со РКЕ нагласивме дека „мерење“ и „отчитување“ не се исто, па сметките мора да се издаваат само врз основа на реално измерени податоци. Најавата од претседателот на РКЕ дека ова ќе се реши со нов подзаконски акт е повторно правно проблематична – подзаконски акт не смее да ја менува или надминува содржината на закон, особено кога штетата ја трпат граѓаните“, велат од групата преку допис.
Со упатената претставка до РКЕ бараат: Итно бришење на членот 31 од Правилата за снабдување, без чекање да е донесат новите Правила; Забрана за издавање на сметки врз основа на проценка, кога струјомерот е исправен; РКЕ да го обврзе ЕВН на целосно почитување на Законот за енергетика и другите закони; Во случај на продолжување на прекршувањата, да се иницира постапка за раскинување на договорот за приватизација на дистрибуцијата од 2006 година, во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.
Клучно барање им е граѓаните да имаат реални сметки базирани на реално мерење.