Македонија
Филипче: Претседателите на општинските организации ќе се избираат на непосредни внатрепартиски избори

Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија проф. д-р Венко Филипче, вчера од Охрид и Струга ја започна кампањата за внатрепартиските избори. Филипче пред членовите на партијата ја претстави програмата за претседател преку која ветува дека СДСМ ќе биде ефикасна и функционална партиска организација која работи во интерес на членовите и граѓаните.
На вчерашните средби, проф. д-р Филипче, ја презентираше првата поголема реформа, во делот на демократизацијата на изборот на претседатели на општински организации. Во програмата е предвидено тие да се бираат на внатрепартиски избори на ист начин како и претседателот на партијата. Тој вели дека само така ќе бидат избрани оние кои имаат најголема поддршка од членовите на СДСМ. Оваа реформа ќе доведе до поефикасно лидерство, подобра застапеност на гласовите на членовите на партијата и следствено посилен и пообединет СДСМ.
„Јас не верувам во наметнати решенија туку инклузивни политики на менаџирање. Довербата во членството и граѓаните ќе ја вратиме со достапност, отвореност, одговорно однесување на сите партиски членови, особено на високите партиски и политички функционери“, рече проф. д-р Филипче.
Програмата на кандидатот за претседател Венко Филипче, предвидува новини кои партијата ќе ја направат подемокртска и потранспарентна, како за членството, така и за јавноста, со што ќе се врати довербата во партијата.
„Со воведување внатрешни избори за позициите на претседатели на општински организации, ќе ја зголемиме довербата меѓу членовите и граѓаните, ќе ги избереме најдобрите кадри со најголема поддршка, ќе обезбедиме и ќе ја вратиме довербата на јавноста во нашата партија. Новото раководство на партијата ќе дефинира јасни насоки и правила за внатрешниот изборен процес, обезбедувајќи транспарентност и правичност“, пишува во Програмата на Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев на заокружување на обуката „Истрага на местото на настанот“, насочена кон унапредување на истражните капацитети на полициските сили

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на свеченоста за доделување на дипломите, што се одржа во Центарот за обука на полицијата во Идризово, заедно со помошник министерот за внатрешни работи и началник на Центарот за обука, Влатко Митковски, како и со амбасадорот на Италија во нашата земја, Н.Е. Паоло Палминтери.
Обуката беше реализирана од Вишиот институт за истражни техники на карабинерите на Италија, со организациска поддршка од Италијанската амбасада во Скопје.
Учесниците на курсот имаа можност да стекнат напредни знаења и практични вештини за истражување на место на настан, притоа следејќи современи европски и меѓународни стандарди.
“Посебна благодарност упатувам до италијанските експерти за нивниот професионален ангажман и пренесеното знаење и сакам да истакнам дека како институција, особено ја цениме оваа соработка што претставува значаен чекор кон унапредување на капацитетите на нашата полиција и поддршка на владеењето на правото”, истакна директорот Јанев, додавајќи дека ова е уште еден показател за успешната и стратешки ориентирана билатерална соработка со Италија во областа на безбедноста и претставува дел од заедничките напори за градење побезбедно и посилно општество.
Македонија
Николоски учествува на висок министерски форум во Истанбул

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
Во планираната агенда е предвидено обраќање на вицепремиерот Николоски на панелот насловен ,, Иновативни можности и решенија за финансирање на транспортни коридори” .
На Форумот ,,Глобална Транспортна Поврзаност” предвидено е да се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, министерот за транспорт на Турција, Абдулкадир Уралоглу како и други министри од Европа и светот.
На настанот ќе земат учество и бројни министри како што се министерот за транспорт на Шпанија, на Албанија, на Саудиска Арабија, Сингапур, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати, како и многу други високи претставници од институции од областа на транспортот.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.