Македонија
Мицкоски – Ѓорѓиевски на генералното собрание на ЗЕЛС: Поголема поддршка за општините за подобро утре на сите граѓани

Денес, се одржа шестото генерално собрание на единиците на локалната самоуправа, на кое присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски.
Како што рече во изјавата за медиумите, во периодот што следува општините ќе имаат големо значење затоа што голем дел од капиталните проекти за потребите на граѓаните ќе бидат реализирани преку општините.
„Нашите граѓани имаат основни егзистенционални проблеми, во центрите на поголемите урбани средини се гази во кал, ниту 20 % од територијата не е покриена со организирани канализациски системи, а да не зборувам за нивно прочистување. Имаме средини во кои немаме ниту пивка вода за пиење, имаме руинирани детски игралишта, гледате каква е состојбата со демографијата во Македонија – за неколку години за 30 % е намалена бројката на дечиња што се раѓаат. Имаме руинирани училишта, долги листи на чекање во градинките и сето тоа треба да претставува приоритет и ќе претставува приоритет на идната влада. Она што јас можам да го кажам е да бидат подготвени сите градоначалници, без разлика од која политичка партија да доаѓаат, да работат на проекти. Наесен, во првата половина од септември, а можеби, ако сè биде како што треба со ребалансот, уште во август ќе биде објавен повикот за оваа година. Минимум 6 милијарди денари, минимум 100 милиони евра, иако јас се обидувам да обезбедиме и денар повеќе, но веќе в година повикот ќе биде објавен на почетокот на годината и 250 милиони евра од централниот буџет ќе бидат за општините. Нашата цел е да во првите четири години од нашиот мандат да допреме до 400.000 домаќинства, да ги решиме основните егзистенционални суштински проблеми. Преку општините да ја донесеме работата на владата до домот на секој граѓанин. Сигурен сум дека ќе успееме, знам дека станува за амбициозна група на градоначалници, кои ќе дадат сè од себе да направат проекти бидејќи сите тие се избрани од народот и треба да бидат слуги на народот и пред народот да одговораат“, рече мандатарот Христијан Мицкоски.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најпрвин го поздрави идниот премиер Христијан Мицкоски, кој од самиот почеток се одѕвал на поканата да присуствува на генералното собрание, што е од голема суштинска важност земајќи предвид дека во изминатите две и пол години градоначалниците имале блокада од централната власт.
„Како ЗЕЛС не наидувавме на разбирање од страна на веќе поранешната власт за ниедно прашање, дури и за оној основен дел, меморандумот за соработка помеѓу ЗЕЛС и Владата, кој внатре ги содржи проблемите, кои заеднички треба да ги решаваме, беше одбиван да се потпише. Ако по утрото денот се познава, тоа значи дека со новата власт ќе имаме беспрекорно добра соработка. Верувам дека ќе имаме голема реализација на проекти во сите општини во Македонија и секако надминување на сите оние долготрајни проблеми со кои се соочуваме, а се поврзани со децентрализацијата, проблемите за пожарникарите, проблемите со кучињата скитници итн. На ова генерално собрание ќе разговараме, покрај проблемите, и за некои законски регулативи и предлог-закони што допрва треба да бидат донесени, а се во полза на општините и граѓаните, како закон за комунална полиција итн. Се надевам дека ќе имаме плодна и исцрпна дебата, премиерот на новата влада ќе има и свое обраќање на ова собрание. Претседателе, уште еднаш благодарам за вашето присуство и се надевам дека сè денес ќе помине во најдобар ред“, истакна Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема недопирливи и заштитени поединци

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, времето „како до сега“ заврши, и почитувањето на законите и процедурите е правило кое секој треба да го почитува. Во партиското соопштение се наведува дека нема недопирливи и заштитени поединци под политичка закрила, ниту предмети во фиока и заташкувања на случаи.
Како пример, се посочува случајот со бившиот началник од Демир Хисар, кој беше експресно разрешен поради недолично однесување при извршување на работните активности, а против него е покрената и дисциплинска постапка.
Во соопштението се нагласува дека ваков пристап на неселективност и санкционирање на самоволието и кршењето на законот немало во времето на Заев, Спасовски и Ахмети, кога се апсеа само политички неистомисленици, додека криминалците и локалните шерифи од нивните редови биле заштитени.
Се наведува дека тогашните служби покажувале сила единствено кон политичари од спротивниот табор, користејќи апсења во раните утрински часови, влегувања по домови без судска дозвола и политички терор.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека сега, согласно закон и процедура, секој кој ќе се огреши ќе одговара без разлика на позицијата што ја извршува.
Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)