Македонија
Мицкоски: Изјавите на Радев се дел од средниот век, поминаа времињата кога политичарите виткаа кичма
Маските конечно паднаа. Новата власт кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во РСМ. Ова како што пренесуваат бугарските медиумите, пред новинарите го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев.
Овие изјави Мицкоски ги оцени за анахрони и изјави дека се дел од средниот век, а не од современа Европа. Премиерот рече дека не го негира постоењето на бугарското малцинство во земјава кое, како што кажа, заедно со другите е признаено уште од раните 40-ти години, но обвини дека во Бугарија постои тивка и постепена асимилација на македонското малцинство. Потврда за тоа, како што вели, се пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да седне на иста маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, и со факти и аргументи да разговара за иднината, но оцени дека добрососедство не е ако нема меѓусебна почит и ако едната страна е понижена, а другата ликува.
„Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Му посакувам на господинот Борисов да ја формира владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Тоа не треба да имате дилема. Но, исто така, мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, коишто виткаа кичма, коишто коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

