Македонија
Ѓорѓиевски за 69-тиот роденден на Кисела Вода: Досега реализиравме 90%, 70-годишнината ќе ја дочекаме со 100 процентна реализација од ветеното
Општина Кисела Вода денес ја одржа свечената седница по повод својот 69-роденден. На настанот покрај градоначалникот Ѓориевски, Претседателот на Советот Колариќ и советницитите, присуствуваа бројни гости. Меѓу нив и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, поранешни градоначалници, претседатели на советот, претставници на бизнис заедницата, уметници и други лица кои добија статуетки-клучеви за трајни заслуги во развојот и афирмацијата на општина Кисела Вода. Свечен говор одржа градоначалникот Ѓорѓиевски и во него се осврна на историјатот на оваа општина, како и на незјзиниот брз развој и напредок. Набројувајќи ги најзначајните проекти, тој истакна дека во последните три години е реализирано 90 проценти од програмата, но и дека е сигурен дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе биде дочекана со 100 процентна реализација од ветеното.
– Со огромна чест и задоволство стојам пред вас денес, на 69-от роденден на нашата Кисела Вода, најстарата општина во градот Скопје. Овој значаен јубилеј го прославуваме под слоганот ,,69 години Кисела Вода, храброто срце на градот”, кој ја отсликува нашата непоколеблива решителност и смелост во преземањето на чекори за напредокот и развојот на нашата заедница.
Во изминатиот период, кој води кон големиот 70-годишен јубилеј, успеавме да реализираме повеќе од 90 проценти од мојата програма ветена пред нашите жители. Меѓу тие проекти, има и такви кои не беа зацртани претходно, но следејќи го пулсот и потребите на нашите граѓани, ги реализиравме и преточивме во конкретни дела кои го подобруваат секојдневието на сите генерации. Сигурен сум дека со заеднички напори, 70-годишнината ќе ја дочекаме со 100 процентна реализација од ветеното, со целосно сменет, подобрен лик на општината во сите населби и населени места и задоволни граѓани.
Правејќи осврт на сработеното, ние сите имаме навистина и на што да се радуваме и на што да се гордееме. Во напредна фаза сме на проектот за обнова на сите улици, во сите месни и урбани заедници. Она што го ветив, дека до крајот на мандатот во општината ќе нема неасфалтирана улица, жителите ќе го добијат и многу побрзо. За таа говори обновата на преку 50км улици и патишта, паралелно работејќи и подземно.
Изградивме атмосферска мрежа во должина од 5470 метри, фекална канализациона мрежа 8200 метри и 4200 метри водоводна мрежа. Би сакал да го издвојам капиталниот проект за изградба на фекална и водоводна мрежа во Каменик, едно горливо прашање, со кое никој порано не се осмелуваше да се зафати, и да ве информирам дека досега ја завршивме изградбата на 2700 метри фекална мрежа, а преку Министерството за животна средина, а ни претстои и изградба на околу 6.5 км водоводна мрежа со резервоар од 500м3 вода и препумпна станица.
Се надевам дека со новоизбраната Влада, процесот ќе се забрза и дека овој проект во најбрзо време ќе биде финализира, а проблемите со немање на достоинствени услови за живеење трајно ќе ги затвориме.
Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад го надминуваме со изградба на нови паркинзи.
Ветив 1000 зa 4 години, а досега имаме нови 1400 пaркинг места и продолжуваме со изнаоѓање на нови локации каде што постои можност да се изгради паркинг простор. Зад нас се изградбата на два пазари, обновата на домот на културата, од годинава и возобновувањето на киното и отворањето на библиотека во Кисела Вода. Проекти на кои се чекаше со децении.
И оваа година продолживме со дигитализацијата на општината.
Ако минатата година се промовиравме како прва дигитализирана општина на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски услуги, од неодамна на новата веб страница додадовме уште 20 нови дигитални услуги. Меѓу нив, пријава за инспекциски служби, следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со општината, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците, и она што е можеби најискористено досега-запишување на децата во градинка по електронски пат.
На овој начин спречивме уписи на деца во градинки преку врски.
Родителот од дома може да наведе за која градинка е заинтересиран и за истата да аплицира.
Со тоа и ние како локална самоуправа точно знаеме во секој момент колкав број на деца има за упис, каде има потреба од отворање на дополнителни капацитети. А бројките говорат дека наместо 450 деца на листа за чекање што ни беше наследена бројка на почетокот од мандатот, сега оваа бројка е двоцифрена и наскоро ќе ја сведеме на нула.
Ова одговорно го тврдам бидејќи досега отворивме две нови детски градинки, во Усје и во Драчево. Извршивме проширување и реконструкција на дел од градинката ,,Пеперутка 1” во Драчево, каде 50-тина години не беа извршени речиси никакви реконструктивни зафати.
Го проширивме капацитетот и на објектот ,,Кокиче”, а во непосредна нејзина близина градиме уште една нова градинка,,Верверичка”.
Обезбедени ни се средства за изградба на уште една во Расадник, но за жал поради опструкции од раководството на Градот Скопје настана застој кој не спречи веќе да ги имаме довршено првоспоменатата и започната второспоменатата градинка.
Но, како што покажавме и во изминативе три години, не постојат непремостиви пречки кога се има силна волја како што ја имам јас и мојот тим, посебно кога се во прашање проекти за нашиот највреден ресурс, децата. Големи се и инвестициите во образованието. Првиот од капиталните инфраструктурни проекти со кои ја одбележуваме оваа наша роденденска седмица, беше поставувањето на камен темелник на нов училишен објект за ООУ Свети Климент Охридски.
После точно сто години учениците од селото Драчево ќе добијат нова училишна зграда, а стариот објект поради неговата музејска вредност, ќе биде зачуван. Сите училишта ги опремивме со дигитални уреди, обезбедивме компјутери за сите наставници, ранчиња за сите првачиња, униформи за сите основци. Изградени се сензорни соби во училиштата, изградени и обновени спортски училишни сали. Пред неколку седмици ООУ ,,Невена Георгиева Дуња” целосно го опремивме со прочистувачи на воздух.
Ве уверувам дека заедно ќе ги оствариме сите наши цели и дека Кисела Вода ќе продолжи да биде пример за успешно управување и развој-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски честитајќи го уште еднаш 69-тиот роденден на Општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

