Свет
Ердоган: Турција е подготвена да ги нормализира односите со Сирија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција е отворена за иницијативи за нормализирање на односите со Сирија и дека нема причина да не се воспостават дипломатски односи меѓу двете земји.
„Нема причина зошто да не се воспостават дипломатски односи. Со други зборови, ќе дејствуваме заедно во развивањето на соработката со Сирија исто како што правевме во минатото. Не можеме да имаме проблем или да имаме за цел да се мешаме во внатрешните работи на Сирија“, рече тој, пренесува ТВ каналот ТРТ Хабер, пренесува Танјуг.
На почетокот на месецот турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер изјави дека Анкара би можела да размисли за повлекување на војниците од сириска територија. Тој истакна дека услов за тоа ќе биде безбедноста на границата на Турција.
На крајот на мај, весникот „Хуриет“ објави дека Вашингтон создава „мал Израел“ на границата со Турција со помош на милитантите на Курдистанската работничка партија (ПКК) во Сирија, додека меѓународната заедница е „преокупирана“ со конфликти во појасот Газа и Украина.
Турските власти сметаат дека ПКК и нејзините ограноци се главната закана за безбедноста на земјата. Конфликтот трае од 1984 година, а турските вооружени сили спроведуваат операции против курдските милитанти на границите со Ирак и Сирија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ужас во Јагодина: Внук ги заклал бабата и дедото и избегал

Двојно убиство се случило во близина на Јагодина. Според првичните информации М.М. (39) ги заклал бабата Р.Ж. (76) и дедото Р.М. (79) и избегал. Неофицијално, убиството се случило во селото Богава, општина Деспотовац, а телата на сопружниците биле пронајдени рано утрово во семејната куќа.
Полицијата е на местото на настанот и во тек е истрага, а пристигнати се и обвинителот на Вишото јавно обвинителство во Јагодина.
Свет
Украина го префрла производството на оружје во земјите од НАТО

Украинската одбранбена индустрија започнува со работа во Данска, обезбедувајќи им на производителите на оружје со седиште во Киев заштита од руски ракети и пренесувајќи го своето воено искуство во Европа.
Данското Министерство за индустрија и финансии претходно овој месец објави дека украинската одбранбена компанија „Фаер Поинт“ преместува дел од своите производствени процеси во таа земја, оценувајќи го тоа како важен чекор за безбедноста на Украина, што во исто време „создава нови можности за соработка со данските и европските компании“.
Тоа е првиот чекор во новата иницијатива наречена „Гради за Украина“, за која Данска издвои повеќе од 50 милиони долари за да им помогне на украинските одбранбени компании да започнат бизнис, објавува „Бизнис инсајдер“.
Проектот им овозможува на украинските компании да произведуваат на поконвенционален начин, наместо да го кријат или нарушуваат процесот на производство за да избегнат да станат мети на руски ракети и беспилотни летала.
За Данска и нејзините сојузници, соработката носи директно искуство на украинските компании во производството на оружје за големата војна. Тоа знаење е непроценливо.
Засега, барем јавно, проектот вклучува само една украинска компанија. Компанијата „Фаер Поинт“, која исто така произведува дронови и ракети, планира да произведува ракетно гориво во Данска за одбранбените потреби на Украина. Останатите украински компании кои произведуваат хаубици, ракети, дронови и друго оружје сè уште го прават тоа во земјата.
Свет
Над 2 милиони луѓе останаа во мрак во Мексико

Во југоисточниот дел на Мексико околу 2,3 милиони луѓе синоќа останаа без електрична енергија поради дефект на врските меѓу неколку мрежи.
Прекинот во електроснабдувањето траеше четири часа и предизвика хаос пред сè во сообраќајот, посебно во туристичкиот град Канкун. Во делови од градот речиси два часа беа во прекин телефонските услуги.
Најпогодени од прекинот на електрична енергија беа мексиканските сојузни држави Јукатан, Кампече и Кинтана Ро.