Европа
Пет лица загинаа во напад со беспилотно летало во руската област Курск, меѓу нив и деца

Пет лица загинаа во напад со беспилотно летало во руската област Курск во близина на границата со Украина, објави регионалниот гувернер Алексеј Смирнов на Телеграм.
„Меѓу жртвите има и две деца. Удрена е куќа во селото Городиште во Рилската околија. Двајца други членови на семејството, од кое се жртвите, се во тешка состојба“, додаде Смирнов.
Претходно руското Министерство за одбрана соопшти дека се уништени шест украински беспилотни летала над неколку руски региони, вклучувајќи ги Тверската, Белгородската и Брјанската област, како и над Крим.
Сообраќајот по Кримскиот мост бил во прекин околу еден час рано утринава и сега вкупно околу 600 автомобили се собрани од двете страни на мостот
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Од утре нови правила за Европејците за влез во Обединетото Кралство

На европските граѓани кои патуваат во Обединетото Кралство од утре ќе им треба дигитална пропусница за да влезат во земјата, што според британската влада ќе ја зајакне безбедноста на границите.
Електронското овластување за патување (ЕТА) може да се купи онлајн за 10 фунти (12 евра) во наредните денови, а од 9 април цената ќе се зголеми на 16 фунти (19 евра).
Дозволата ќе биде задолжителна за сите Европејци кои сакаат да ја посетат Велика Британија од 2 април, откако истата пропусница беше воведена во јануари за граѓаните на САД, Канада и други земји на кои не им е потребна виза.
Слична дозвола за влез во земјата имаат и САД.
„Со дигитализирање на системот за имиграција, го отвораме патот за бесконтактни гранични премини во ОК“, рече министерката за миграција Сема Малхотра претходно овој месец, кога беше отворена веб-страницата за првите апликации.
Таа додаде дека проширувањето на ЕТА во земјите ширум светот „ја зајакнува посветеноста за подобрување на безбедноста преку технологија и иновации“.
Документот дозволува посети до шест месеци и важи две години. Тоа е задолжително за сите патници, вклучително и малолетни и новороденчиња.
Пропусницата може да се добие од апликација за паметни телефони или од владината веб-страница, а на Европејците им е достапна од почетокот на март.
Почнувајќи од среда, граѓаните на околу триесет европски земји, вклучително и целата ЕУ со исклучок на Ирска, ќе треба да имаат електронска дозвола за влез во Обединетото Кралство, кое ја напушти ЕУ во 2020 година. Апликантот мора да приложи фотографија од пасош и од лицето. Процесот трае околу десет минути, информираат од британското Министерство за внатрешни работи.
Во повеќето случаи, одлуката за апликацијата се носи во рок од неколку минути, но можно е да се чека и до три работни дена, велат од Владата.
Доколку апликацијата се обработи успешно, ЕТА е дигитално поврзана со пасошот на апликантот.
Патниците кои претстојуваат на аеродроми без да ја поминат границата со ОК се ослободени од оваа програма. Ова беше направено по притисокот од Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа, кој стравуваше од губење на бројот на патници.
Европа
Путин потпиша мобилизација, вика најмногу луѓе во војска во последните 10 години

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за пролетна мобилизација, со кој се наредува регрутирање на 160.000 граѓани на воена служба во периодот од 1 април до 15 јули, јавуваат агенциите.
Во армијата ќе бидат повикани 160.000 руски државјани на возраст од 18 до 30 години, што е за 10.000 повеќе од лани и најголем број регрути во последните десет години.
Путин и овој пат вети дека регрутите нема да бидат испратени на бојното поле. Но, имаше и претходни случаи на заробени и убивани регрути за време на нејзината „специјална воена операција“ во Украина, како што Кремљ ја нарекува својата тригодишна инвазија на Украина.
Европа
Полска потпиша договор со САД во вредност од 2 милијарди долари

Полска потпиша договор со САД во вредност од 2 милијарди долари за програма за „повеќеслојна противвоздушна одбрана“, соопшти полското Министерство за одбрана.
Варшава презеде неколку мерки за зајакнување на својата национална одбрана од почетокот на руската целосна инвазија на Украина. Земјата редовно ги подигнува своите борбени авиони и ги активира единиците за противвоздушна одбрана поради руските напади во близина на нејзината граница.
Договорот со САД беше финализиран на 31 март и вклучува испорака на опрема за противвоздушна одбрана и логистичка поддршка за системите Патриот, објави полското Министерство за одбрана.
„Потпишувањето на договорот е потврда за долгогодишната и интензивна соработка меѓу Полска и САД на полето на безбедноста“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.