Македонија
МНР: Реалната бројка на етнички Македонци во земјата не ја отсликува пописот во Албанија
Министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од пописот одржан во Република Албанија во 2023 година и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.
„Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на терминот ‘северномакедонци’ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница“, стои во реакцијата на МНР.
Министерството воедно најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.
„Министерството во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што за жал и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава. Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок“, стои во соопштението од МНР.
Претставникот на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Косотофски, вчера на презентирањето на пописните резултати од ИНСТАТ, демонстративно ја напуштиле салата откако не им бил даден одговор на прашањето зошто на прегледот за бројот на малцинствата за сите стои она што се, само за македонското стоело име на државата Северна Македонија, на албански јазик и „Северно Македонци“ на англиски јазик.
Поранешната директорка на ИНСТАТ, Инес Нурја, за Еуроњуз Албанија изјави дека бројките од пописот на населението се манипулирани, бидејќи вкупниот број на населението во земјата е помал. За манипулации со бројките претходно обвини и опозицијата во Албанија, како и претставниците на македонското, влашкото и грчкото малцинство, кои најавија дека не ги признаваат.
Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, порано денеска соопшти дека ги отфрла прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври, па продолжен до 16 ноември, за бројот на Македонците и “Бугарите“ и ги смета за груб пописен фалсификат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сѐ уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, велат од СДСМ
Според СДСМ, повеќе од една недела нема одговори за најголемиот нарко-скандал во регионот, заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија.
Прашуваат како 5 тони дрога, во неколку камиони ја преминале границата.
„Кој ќе одговара?
Фактите упатуваат дека без поддршка од структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции, ваква масовна шверцерска операција е невозможна.
Според неофицијални информации објавени во српските медиуми, обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од американската DEA.
Затоа е молкот и паниката во врвот на власта.
Станува збор за скандал од огромни размери, кој го оголува длабокиот криминал и на владата предводена од ВМРО и Христијан Мицкоски“.
СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага, која ќе даде одговори на како што велат, неколку прашања.
„Кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница?
Кои структури во институциите ја овозможиле оваа криминална операција?
Дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа?
Сите што се вмешани, без разлика на функцијата мора да одговараат и ќе одговараат“.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СЈО партиски штаб на СДС, Јанева добивала насоки а Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски ги извршувале наредбите на Заев
Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски во времето на СЈО се однесувале како авторитети а денес се претставуваат како жртви, додека Кaтица Јанева предметите ги распоредувала по насока на Зоран Заев и СДС, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведочењето на поранешната обвинителка во СЈО Лејла Кадриу на почетокот на работата на СЈО биле избрани само 7 од предвидените 12 обвинители, а останатите 5 биле приклучени за многу кратко време исклучиво само и само да се обезбеди присуство на Гаврил Бубевски.
Сите чекале амин од Зоран Заев за да се оформи тимот да дојде и Гаврил Бубевски за да започнат со работа.
СЈО било користено исклучиво за да се задоволат интересите на СДС, Заев и врхушката околу него“.
Кадриу, додаваат од владејачката партија, посочува дека постоел договор меѓу Катица Јанева и Заев, каде истакнува настан од 30 декември 2015 година, кога на вработените им било кажано да не доаѓаат на работа и да ги искористат празниците. Таа, како што е наведено во соопштението, била една од ретките кои сепак дошле, и сведочи дека токму тој ден во просториите на СЈО биле присутни Заев, Шекеринска и други лица, кои доставувале материјали што, според неа, незаконски ги примиле Ристоска, Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска.
„Ленче Ристоска отворено покажувала воодушевување и симпатии од присуството на Зоран Заев и Шекеринска во СЈО па се поставува прашањето дали тој пристап на Ристовска е пристрасно водење на обвинителството.
За Гаврил Бубевски, Кадриу вели дека самиот се фалел оти ништо не можело да помине во СЈО без негова согласност, дека користел повеќе телефони и преку нив добивал насоки за распределба на предметите, што, според неа, укажува на директно влијание од надворешни, партиски структури врз работата на СЈО.
Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска, ”бомбите” и материјалите од Заев ги преземале без никаков записник, што е спротивно на законите и отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на истите.
Според овие сведоштва, Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска наместо да се претставуваат како жртви треба да превземат одговорност и да се извинат за своите постапки“.
Не смее да се дозволи, додаваат од партијата на Мицкоски, партиски послушници и маши да ги водат правосудските органи.
„Правда и одговорност мора да има“.

