Македонија
За децата со посебни потреби, кои не може да следат редовна настава, министерката Јаневска најавува општински училишта со ресурсен центар
Тоталната инклузија во образовниот процес на децата со посебни потреби кај нас, министерката за образование, Весна Јаневска, смета дека е неуспешна оти има родители и деца што се жалат дека со ваквиот концепт се дополнително дискриминирани. Новата Влада бара друго решение за децата со посебни потреби за кое министерката Јаневска уверува дека нема да значи издвојување, селектирање или нивна дискриминација.
„Сите оние дечиња што може да одат во редовна настава, ќе си одат во редовна настава, но има родители и цели здруженија што се жалат дека нивните деца не може да ја следат таа настава затоа што ниту наставниците ниту образовните асистенти може да се справат со тој процес. Во еден клас со 34 деца, државата се труди да стави по едно дете, но некогаш се и по две и по три. Ним им треба посебно внимание. Ќе бараме решение во правец на општински училишта со ресурсен центар, но само за оние што не може да следат редовна настава. За децата со мултихендикеп и за децата со повисока интелектуална попреченост предлагаме да останат таканаречените посебни училишта, го користам овој термин за да биде разбирливо и за родителите и за целата јавност. Притоа ќе им дадеме можност на родителите, што сега ја немаат, да изберат во согласност со комисијата за функционална процена во какво училиште или во какво училиште со ресурсен центар ќе сакаат нивните деца да учат“, вели министерката Јаневска.
Оваа измена Јаневска вели дека ќе ја направат релативно бргу иако треба да се донесе и законско решение. За измената, освен разговори со здруженија, со родители и со наставниците, Јаневска најави дека ќе ја вклучи и стручната јавност, односно експертите што со години се занимаваат со оваа проблематика од универзитетите и факултетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации
Силен ветар оштети дел од покрив на средното електро-машинско училиште во Штип, а дрво падна и во непосредна близина на градинка. Нема поредени лица, а надлежните служби се на терен.
Според информациите, интервенирано е во остранување на голем број паднати дрвја во градот и неговата околина, меѓу кои кај градските горбишта, градинката „Вера Цирвири-Трена“, Кланицата, Средното училиште „Коле Нехтенин“, улицата Широк Дол.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека кај сите интервенции е учествувано со три пожарникари и едно противпожарно возило.
Известена е и дежурната служба на ЕВН за ризични електрични столбови, исфрлање искри од жици, како последица од силниот ветер, на територијата на градовите Штип и Кочани, како и во селата Облешево и Истибања.
Македонија
Град Скопје: Во Шуто Оризари нема јавен превоз поради советничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на нивните манипулации, велат од Град Скопје по протестот на којшто градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш упати низа обвинувања до градоначалничката Данела Арсовска поради состојбата со јавниот превоз во општината.
„Пред да го организираат протестот пред градот Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари Ерџан Демир кој ги предводи и кој воедно беше и кандидат за пратеник од истата партија, би требало да ги информира своите сограѓани дека во Шуто Оризари нема јавен превоз бидејќи советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје одбива да им овозможи на приватните превозници да возат на нивните автобуски линии согласно барањата кои ги имаат доставено до Трајко Славевски пред неколку месеци“, велат од Градот.
Понатаму истакнуваат дека Ерџан Демир претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ би требало да ги информира своите сограѓани дека токму неговата партија одбива да гласа за набавка на нови автобуси за граѓаните на градот Скопје, а со тоа и на граѓаните на општина Шуто Оризари.
Влеат и дека срамно е и лажењето на Курто Дудуш, кој своите сограѓани ги лаже и ги тера да протестираат на минусни температури за тој да и се допадне на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде се надева на поддршка за следен мандат.
„Курто Дудуш би требало да ги информира своите сограѓани дека во Шуто Оризари надлежен за чистење на депониите е тој како градоначалник и општинските служби кои тој ги води. Треба да каже Курто Дудуш каде завршуваат парите кои на парагон блокче се наплаќаат од жителите на Шуто Оризари за собирање на отпад, кој потоа завршува на диви депонии формирана токму од службите на општина Шуто Оризари“, се додава во соопштението на Град Скопје.
На крајот, како што заклучуваат, срамно е да се злоупотребува најзагрозеното малцинство во Македонија за остварување на теснопартиски политички цели.
Македонија
Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања – младите излегоа на протестот за проблемите со градскиот превоз
Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот протест за проблемите со јавниот превоз.
Од Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) беа испратени барањата до Град Скопје, меѓу кои отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти, набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, како и надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативните видови на транспорт.
Говорниците на протестот истакнаа дека по спроведена анкета на која одговориле 3.568 студенти, 85 отсто од нив рекле дека во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 66,7 проценти од нив, чекаат автобус над 20 минути.
Дополнително, 93,6 отсто од студентите изразиле незадоволство од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 66,7 проценти изјавиле дека од истите воопшто не се задоволни од истиот.
Кон протестот се приклучи и Сојузот на средношколци.
Берим Мухамед изјави дека веќе две години Сојузот на средношколците се залага јавниот скопски превоз да биде фер за сите.
Тој рече дека иако на учениците од приватните училишта не им било дозволено да имаат бесплатен превоз, и тие од државните останале без превоз.
Од Сојузот велат дека учениците не треба да отсуствуваат од часови, и половина од класовите биле празни поради проблемите со ЈСП.
На протестот зборуваше и градоначалникот на Шуто Оризари, Курту Дудуш кој упати повеќе барања до Арсовска и ја повика да покаже политичка зрелост и да понесе одговорност.
По вчерашната владина одлука да му позајми на Градот од државните резерви на нафта, автобускиот сообраќај денес е вратен во нормала.