Македонија
„Наместо 15 години работен стаж, да се добива пензија со пет години работно искуство“: пензионерите предложија нов закон

Пензионерите на протест побараа линеарно зголемување на пензиите по 5.000 денари и на средбата во Свети Николе го презентираа нивниот предлог Закон со кој бараат минималната пензија да се поврзе со минималната плата.
Авторот на законското решение Миле Тасевски појаснува дека тие бараат минималната пензија да биде 70 отсто од минималната плата, а истото да биде и за просечната плата, односно пензија. Дополнително во новиот Закон се предвидува наместо 15 години работен стаж, пензионерите да добиваат пензија со пет години работно искуство. Во однос на старосната граница промени нема.
-Основата на нашиот Закон, прво се врзуваме со минималната плата. Ние сакаме 70 отсто од минималната плата да добива пензионерот, вели Тасевски.
Пензионерите благодарност упатија и до премиерот Христијан Мицкоски за најавата дека пензионерите ќе добијат покачување од пет илјади денари, половина во месец септември и половина во месец март, наредната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Дел од Кеј 13-ти Ноември останува без водоснабдување

Поради дефект на водоводна цевка, дел од корисниците на Кеј 13-ти Ноември, од хотел „Холидеј ин“ до Камениот мост, ќе останат без вода од 13:00 часот, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато се додека траат работните активности за отстранување на дефектот. Од јавното претпријатие апелираат до граѓаните за трпение и разбирање додека трае интервенцијата.
Македонија
„Храброста на нашите колеги е пример за идните генерации“, порачаа од ЕБР на Денот на Единицата

Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска одбележува 24 години од своето формирање, а припадниците на оваа единица потсетија дека не ги забораваат своите колеги кои го дале животот за безбедноста и мирот на Македонија.
„Додека денес го одбележуваме Денот на Единицата за брзо распоредување и им оддаваме почит на храброста, посветеноста и професионализмот на припадниците на оваа единица, не смееме да ги заборавиме сите оние кои го дадоа својот живот за безбедноста и мирот на нашата татковина“, порачаа од ЕБР преку социјалните мрежи.
Тие додадоа дека жртвата на нивните колеги претставува темел на слободата, а нивната храброст е пример за идните генерации.
„Вечна им слава и почит“, завршуваат од ЕБР во пораката по повод јубилејот.
Македонија
Алиу вети транспарентност, граѓаните ќе знаат кој го помага македонското здравство

Министерството за здравство воведе нов електронски модул за транспарентен преглед на донациите во здравството, со кој јавноста ќе може во секое време да има увид во видот, вредноста и донаторите на пристигнатата помош.
Модулот е достапен на веб-страницата donacii.zdravstvo.gov.mk и овозможува детални информации за секоја донација примена од Министерството или јавните здравствени установи.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека досега се евидентирани над 400 донации, а бројката постојано расте.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем“, изјави Алиу.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од донациите, дури 85%, се однесуваат на медицински материјали, меѓу кои лекови, вакцини, апарати и други средства за јавните здравствени установи.
Алиу додаде дека со новиот систем ќе се избегнат ситуации кога во земјата стигнува опрема со различни оперативни системи или апаратура без достапни резервни делови и сервис.
„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“, порача министерот.