Македонија
Сообраќајна несреќа кај Групчин, автопатот Скопје-Тетово е затворен за сообраќај
АМСМ информира дека од 19:45 часот Автопат Скопје – Тетово, кај Групчин, е затворен.
Според информациите, затворањето е поради сообраќајна незгода.
Сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Розов пикник“ посветен на подигање на свеста за борбата против ракот на дојка
Во Градски парк, на „Школка“ денеска ќе се одржи „Розов пикник“ посветен на подигање на свеста за борбата против ракот на дојка, во организација на Здружението „Езра“. Според организаторите, на настанот ќе се обрати министерот за здравство, Арбен Таравари, како и актерката Весна Бејби Петрушевска.
Организаторите најавуваат дека на настанот ќе има бројни активности, како пилатес час, бесплатни медицински консултации, лотарија и богата музичка програма, а целта, според нив, е да се даде значајна поддршка на пациентите, нивните семејства и пријателите.
„Здружението ЕЗРА активно работи на подобрување на здравствената заштита и обезбедување на поддршка за пациентите. Нашата хумана мисија е водена од личните приказни, кои нè поттикнуваат да бидеме гласни за правата на пациентите и да им помогнеме да не се чувствуваат сами во оваа тешка борба. Ова е повик да застанеме заедно, да го поддржиме животот, да бидеме силен глас за сите оние кои сега се соочуваат со оваа болест и да им помогнеме нивната приказна да успее“, стои во соопштението на здружението.
Македонија
Времето викендов: Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремено врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 19 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно, попладне и кон крајот на денот со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите ќе бидат пообилни, проследени со појава на грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Под влијание на циклонска активност во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и засилен ветер. Потоа времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура.
Македонија
Средби на претседателот на Собранието Гаши во Истанбул
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, придружуван од пратениците: Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали, ја продолжува официјална посета на Република Турција со средби во Истанбул.
Делегацијата присуствуваше на Конференцијата за отворање на академската година 2024-2025 на Универзитетот Мармара, кој е еден од најстарите и најпрестижните универзитети во Турција. Претседателот Африм Гаши одржа предавање на тема: „Односите меѓу Северна Македонија и Турција на историски и политички план, актуелни прашања во светот“ пред ректорот, професорите и студентите на овој Универзитет.
Тој се осврна на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина. Изрази убедување дека Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде што ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата.
Тој посочи дека Република Северна Македонија е пример дека и на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.
На средбата со Одборот за надворешни економски односи Турција-Северна Македонија, стана збор за можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да го следи примерот на одличните политички односи. Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Гаши истакна дека државните институции прават сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка, за што придонесува и географската близина, добрата инфраструктурна поврзaност и директните авионски линии меѓу двете земји. Беше подвлечено дека се заемни заложбите на двете земји за зголемување на вкупната трговска размена и беше изразено очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Северна Македонија.
Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со граѓани од Република Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул. Претседателот Гаши нагласи дека Република Северна Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски и културни врски и во тој поглед, иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.