Свет
Бајден откри дали ќе се повлече од кампањата: „Не си одам, никој не ме брка, во трка сум до крајот и ќе победиме“

Американскиот претседател Џо Бајден ги отфрли шпекулациите дека има намера да се откаже од својата кандидатура за претстојните избори и истакна дека е подготвен да победи во ноември.
„Да го кажам ова најјасно што можам: се кандидирав, никој не ме брка. Јас не си одам. Во оваа трка сум до крајот и ќе победиме“, рекол претседателот, пренесува АП.
Како што беше најавено претходно денеска, демократските гувернери на Њујорк, Минесота и Мериленд ја поддржаа кандидатурата на претседателот Џо Бајден за претстојните избори во Соединетите Американски Држави.
„Претседателот отсекогаш ни го чувал грбот. И ние ќе се грижиме за неговиот“, им изјави гувернерот на Мериленд, Вес Мур, за новинарите по средбата со Бајден и потпретседателката Камала Харис во Белата куќа, на која присуствуваа 24 демократски гувернери.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, рече дека сите гувернери му ветиле поддршка на Бајден.
„Претседателот учествува во трката за да победи“, истакна таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Врховниот суд на Велика Британија: Терминот „жена“ се однесува исклучиво на биолошките жени

Врховниот суд на Велика Британија денес пресуди дека терминот „жена“ се однесува исклучиво на биолошкиот пол според Законот за еднаквост на Велика Британија, со што се исклучуваат трансродовите жени од законската дефиниција за жена.
Судијата, по пресудата, рече дека ова не е „победа за едната страна над другата“, нагласувајќи дека британскиот закон сè уште ги штити трансродовите лица од дискриминација.
Родовата реформа во Велика Британија стана политичко бојно поле во последниве години, особено во Шкотска, според Би-Би-Си.
Шкотскиот парламент го усвои Законот за признавање на полот со 86 гласа „за“ и 39 „против“ во декември 2002 година, во обид да се поедностави процесот во Шкотска за законска промена на полот.
Сепак, британската влада потоа го блокираше нацрт-законот, тврдејќи дека тој ќе влијае на законите за еднаквост низ цела Велика Британија.
Ова предизвика правна битка што заврши до судот во Единбург, каде што беше отфрлен предизвикот за вето на шкотската влада.
Би-Би-Си наведува дека оваа пресуда речиси сигурно ќе има импликации врз политичките партии на ниво на Велика Британија.
Свет
Лекари без граници: Појасот Газа се претвори во масовна гробница

Појасот Газа се претвори во масовна гробница на Палестинци и оние кои се обидуваат да им помогнат, објави денес организацијата „Лекари без граници“.
Сведоци сме на уништување и присилно раселување на целото население на Газа, се наведува во соопштението.
Палестинските власти соопштија дека 13 лица се убиени во новите израелски воздушни напади.
Се известува дека во Рафа, на југот од Појасот Газа, израелската армија продолжила да урива куќи, пренесува Ројтерс.
Свет
Калифорнија ќе го тужи Трамп поради царините

Калифорнија ќе поднесе тужба против претседателот Доналд Трамп, барајќи да го запре неговиот сеопфатен царински режим, тврдејќи дека нелегално ги спроведува своите протекционистички трговски политики.
Федералната тужба, која ја прави Калифорнија првата држава што правно ги оспорува новите царински мерки на администрацијата на Трамп, доаѓа во време кога царините предизвикаа историска нестабилност на пазарите и ги оштетија односите на САД со долгогодишните сојузници и трговски партнери.
„Доналд Трамп нема овластување еднострано да го наметне најголемиот даночен товар во нашата историја преку деструктивни царини“, рече гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, на платформата X. „Ќе го тужиме“.
Според соопштението, царините на Трамп предизвикуваат „непосредна и непоправлива штета на Калифорнија, која е најголемата држава по економија, индустриско производство и земјоделство во Соединетите Американски Држави“.
Тужбата ќе биде поднесена во федерален окружен суд во Северна Калифорнија, со цел да се поништат царините на Трамп.
Гувернерот Њусом и главниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, објавија дека ќе одржат прес-конференција за да се објави поднесувањето на тужбата.
„Хаотичното и непредвидено спроведување на царините од страна на претседателот не само што е загрижувачко, туку е и нелегално“, рече Бонта во изјава за NBC News.
„Како петта најголема економија во светот, Калифорнија разбира дека глобалната трговска политика не е игра“, додаде Бонта.
„Калифорнија се подготвуваат за последиците од постапките на претседателот, од земјоделците во Централната долина до сопствениците на мали бизниси во Сакраменто и загрижените семејства во Калифорнија“, заклучи тој.