Македонија
Фрчкоски со најава дека е подготвен да се повлече од амбасадорското место: МНР нема потреба да измеќарува

Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е погоден на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи, се истакнува во реакцијата и демантот на амбасадорот Љубомир Данаилов Фрчкоски, на Постојана Мисија на Република Северна Македонија при ООН во Њујорк.
„Во медиумите во Македонија деновиве се шират лаги за финансиското работење на Постојана мисија на Република Северна Македонија при ООН во Њујорк и за амбасадорот, професорот Љубомир Фрчкоски, со поднаслов „од извори на МНР“. Клучниот дел од тие лаги, поранешниот министер, Бујар Османи, ги демантира јавно нарекувајќи ги токму така – лаги, а се однесуваа на добиените пари за сукцесија на објектот на поранешната СФРЈ во Њујорк.
Да потсетиме, конструкциите се однесуваа на тврдењата дека „амбасадорот со тогашниот премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџето, каде што законски припаѓаат“.
За тие тврдења, кои сега, независно од аргументираниот демант од Бујар Османи, повторно се јавуваат, Мисијата ги објавува следните документи (јавни исправи) од уплати на тие пари од сукцесијата во буџетот во три наврати (прилог 1, 2, 3), со што целосно се демантираат тврдењата на МНР (да биде состојбата за службите таму потрагична, тие што сега се нудат да им учинат на новите власти овие документи на време ги имаат на увид и во поседство).
Службите во МНР не ѝ доставуваат на Мисијата соодветни средства за лекарско осигурување на вработените во Мисијата, со што се крши законската обврска тоа безусловно да се обезбеди (на основа на погрешно направен тендер на вработена во Мисијата, која сега е во кабинетот на министерот), а чие необезбедување повлекува кривична одговорност. Мисијата чува некои минимални средства на државната – своја сметка во случај МНР да не обезбеди средсва, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД. (прилог 4 – Состојба на банкарска сметка) И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно“, се истакнува во напишаното од страна на Фрчкоски.
Во демантот се додава дека е срамна и мизерна забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски билети кон Македонија.
„Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани што го принудија привремено да искористи пари од Мисијата за авиобилет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства.
Што повеќе да се каже?
Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е погоден на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот, потврдува Мисијата, моментно е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата за што МНР нема потреба да измеќарува.
Но, начинот што МНР го избира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финаското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти, е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста.
Најпосле, Мисијата го повикува МНР, кое има инструменти, да испрати ревизија во Мисијата, која ќе ја утврди состојбата во целокупното нејзино работење.
На крајот, посебна трагедија во МНР е фактот што со ниту еден единствен збор не посочија на резултатите на Мисијата на Северна Македонија во ОН овие две и пол години. Во извештаите ги имаа сите факти, проекти и настапи. Исклучително значајни резултати. Но, за тоа во некои подобри времиња“, се нагласува во реакцијата на Фрчкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД извесуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.00 часот, корисниците од улицата Хо Ши Мин лоцирани на потегот од напојната трафостаница Бутел 2 до објектот бр. 287 Б. (општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има преодно стабилизирање на времето. Од среда кон крајот на денот се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд. Температурата ќе биде во значително опаѓање.
Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.