Свет
(Видео) Судири меѓу екстремните левичари и полицијата по изборите во Франција
Полицијата го исчисти Плоштадот на Републиката во Париз од демонстрантите, ѓубрето останаа на местото на демонстрациите, а скршените стакла на автобуските постојки беа оставени на асфалтот, пренесува „РИА новости“.
Повеќе од илјада луѓе, кои ги поддржуваат левичарските сили во Франција, се собраа во неделата вечерта на Плоштадот на Републиката во Париз чекајќи ги резултатите од вториот круг од парламентарните избори во Франција.
Граѓаните со ентузијазам го дочекаа објавувањето на првите резултати. Демонстрациите беа мирни, но подоцна им се придружија приврзаниците на фашистичките групи.
На плоштадот беа распоредени силни полициски сили и водни топови.
Демонстрантите со црни маски почнаа да фрлаат огномети и шишиња кон полицијата, која употреби солзавец.
Се слушнале детонации на рачно изработени експлозиви, но засега нема информации за повредени. Голем број демонстранти се собраа и во Марсеј, пренесува медиумот.
И покрај забраната за демонстрации, луѓето излегоа на улиците во Рено. Откако безбедносните сили им наредиле да се разотидат, демонстрантите почнале да извикуваат „Сите ја мразат полицијата“, а атмосферата станала напната, пренесе „Фигаро“.
Според прелиминарните резултати од вториот круг од вонредните парламентарни избори во Франција, кои рано утринава ги објави француското Министерство за внатрешни работи, левичарската коалиција Нов народен фронт (НФП) освои 182 места во националното собрание, пренесува дневниот весник „Монд“.
Политичкиот сојуз на актуелниот француски претседател, центристичкиот блок „Заедно“, освои, според овие податоци, 168 пратенички места, а на трето место е десничарската партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен со 143 пратенички места, пренесува „РТ Балкан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.