Македонија
(Видео) Спасен маж од длабока тиња и кал како од жив песок на реката Пчиња
Центарот за управување со кризи објави дека утрово имало спасувачка акција на реката Пчиња, каде што човек пропаднал до гуша во тиња и кал.
„Денеска, пред зори, имаше неколкучасовно успешно, а опасно извлекување од длабока тиња и кал како жив песок, и тоа и за заробениот човек и за спасителите – пожарникарите, Конкретно, имаше комбинирана спасителна акција од страна на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и Итната медицинска помош од Куманово.
Кумановските пожарникари, на чело со командирот на смена Сашо Илиевски, неколку часа, од околу 4, па до 7 часот утрово, беа во спасувачка акција. Итниот случај на 112 во ЦУК го пријавил риболовец, кој ги слушнал повиците за помош на лицето кое покрај реката заглавило во длабоката тиња и кал, на овој потег од реката Пчиња.
Ситуацијата била опасна бидејќи полека, како што лицето, возрасен маж, сакало да се самоизвлече, сè повеќе пропаѓало на местото на кое почвата била буквално како маскиран жив песок со исушен слој најгоре, на површината, од топлото време, а надоу како да немало дно“, информираат од ЦУК.
Тимот пожарникари, како што додаваат, бргу и навреме стигнал до оддалеченото место од пристапен пат бидејќи лицето било веќе речиси до рамењата и вратот пропаднато и на крајот од силите поради долготрајното заглавување, при што полека тонело во меката почва.
Пожарникарите успеале да го фатат со јажиња од својата опрема и полека почнале да го извлекуваат, при што било потребно и нивно доизвлекување бидејќи и тие тонеле полека во меката почва. Еден со друг тимски си помагале, етапа по етапа, од сложеното, а навидум едноставно извлекување и спасување на заглавеното лице од опасниот терен.
Кога пожарникарите го извлекле од длабоката тиња и кал, што буквално било како жив песок, лицето речиси се онесвестило и го ставиле на специјалната спасителна штица за носење. Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале пред нив патот од вегетацијата и дрвјата за да се пробијат до пристапниот пат, каде што ги чекала итната медицинска помош. Настраданиот е жив, но многу истоштен и снеможен од долготрајното заглавување. Тој е веќе во болница во Куманово и е надвор од животна опасност, соопшти ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

