Македонија
(Видео) Јанчев: Материјали за над 10 закони доставени два дена пред собраниска седница
На две прекршувања од Деловникот се однесуваше денешното процедурално обраќање на пратеникот од Левицата, Сашко Јанчев, и тоа по однос на илегално свиканата собраниска седница од владејачкото мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ и во однос на доставените материјали за над 10 закони на два дена пред седница, а не – десет дена пред нејзиното одржување, како што е деловнички.
„Моето процедурално обраќање се однесува на две прекршувања на Деловникот. Првото прекршување се однесува на член 73 став 1, кој вели: „Седници на Собранието може да свика само претседателот на Собранието“. Од собраниската веб-страница гледам дека Гаши е во Вашингтон, си има средби со странци. Физички е невозможно тој да го потпише решението за свикување седница, што ја прави седницата нелегална“, потенцира пратеникот Сашко Јанчев на денешната седница на Собранието.
Пратеникот Јанчев во своето процедурално обраќање го образложи и второто прекршување од Деловникот.
„Второто прекршување е според член 74 став 1 којшто вели: ,,Решение за свикување на седница на Собранието со предлог – дневен ред и материјали се доставува до пратениците десет работни дена до одржување на седницата”. Овој рок не е случаен, затоа што со нашето гласање одлучуваме за милиони судбини“, појасни Јанчев.
Пратеникот Јанчев од Левицата истакна дека материјали добиле пред два дена, односно – денес, а не пред десет дена.
„Решение добивме вчера, ново добивме денес. Не пред десет дена, нема ниту еден ден. Последното решение го добивме пред два часа! Ова е ново Собрание, ново мнозинство или народски нова Влада, но стари пракси. Обичај е на секое процедурално да се побара да се почитува Деловникот, но јас не негувам илузии дека тоа ќе се случи“, заклучи Јанчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СЈО партиски штаб на СДС, Јанева добивала насоки а Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски ги извршувале наредбите на Заев
Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски во времето на СЈО се однесувале како авторитети а денес се претставуваат како жртви, додека Кaтица Јанева предметите ги распоредувала по насока на Зоран Заев и СДС, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведочењето на поранешната обвинителка во СЈО Лејла Кадриу на почетокот на работата на СЈО биле избрани само 7 од предвидените 12 обвинители, а останатите 5 биле приклучени за многу кратко време исклучиво само и само да се обезбеди присуство на Гаврил Бубевски.
Сите чекале амин од Зоран Заев за да се оформи тимот да дојде и Гаврил Бубевски за да започнат со работа.
СЈО било користено исклучиво за да се задоволат интересите на СДС, Заев и врхушката околу него“.
Кадриу, додаваат од владејачката партија, посочува дека постоел договор меѓу Катица Јанева и Заев, каде истакнува настан од 30 декември 2015 година, кога на вработените им било кажано да не доаѓаат на работа и да ги искористат празниците. Таа, како што е наведено во соопштението, била една од ретките кои сепак дошле, и сведочи дека токму тој ден во просториите на СЈО биле присутни Заев, Шекеринска и други лица, кои доставувале материјали што, според неа, незаконски ги примиле Ристоска, Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска.
„Ленче Ристоска отворено покажувала воодушевување и симпатии од присуството на Зоран Заев и Шекеринска во СЈО па се поставува прашањето дали тој пристап на Ристовска е пристрасно водење на обвинителството.
За Гаврил Бубевски, Кадриу вели дека самиот се фалел оти ништо не можело да помине во СЈО без негова согласност, дека користел повеќе телефони и преку нив добивал насоки за распределба на предметите, што, според неа, укажува на директно влијание од надворешни, партиски структури врз работата на СЈО.
Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска, ”бомбите” и материјалите од Заев ги преземале без никаков записник, што е спротивно на законите и отвора дополнителен сомнеж за веродостојноста на истите.
Според овие сведоштва, Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска наместо да се претставуваат како жртви треба да превземат одговорност и да се извинат за своите постапки“.
Не смее да се дозволи, додаваат од партијата на Мицкоски, партиски послушници и маши да ги водат правосудските органи.
„Правда и одговорност мора да има“.
Македонија
СДСМ: Нема пари за минималната плата затоа што Владата планира авион за Мицкоски
Додека над 200 илјади работници едвај врзуваат крај со крај со плати под 30.000 денари, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата на Мицкоски планира купување нов авион, истакнуваат од СДСМ.
За зголемување на минималната плата и за поддршка на приватните компании, како што велат, се потребни околу 200 милиони евра.
„Пари во буџетот има само владата треба да се откаже од луксузот и парите да ги пренамени за работниците.
Со решението на СДСМ, преку ребаланс на Буџетот и кратење на луксузот на власта, службени возила, мебел, патувања, кабинети, се обезбедуваат 200 милиони евра за минимална плата од 600 евра и поддршка на приватните компании без да им се загрози ликвидноста.
Но Власта го избра својот луксуз наместо егзистенцијата на работниците и не го прифаќа ова јасно и одржливо решение.
Груевски купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра со пари на граѓаните.
Мицкоски носи часовници вредни над 60 илјади евра, или 150 минимални плати, и сега сака авион од стотици милиони евра“.
Според СДСМ, нема пари за минимална плата од 600 евра, затоа што Владата планира купување нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос.

