Спорт
ШК Мулти есенс почнува да испишува своја историја – искористена првата шанса за пласман во елитната дивизија
Шаховскиот клуб „Мулти Есенс“ е нов член на Првата шаховска лига во Македонија откако на одиграниот екипен турнир во Струга, меѓу екипите од Втората лига, по 9 кола, го зазеде второто место.
Турнирот се играше според Бергеровиот систем, а во своите девет настапи екипата немаше ниту еден пораз, односно забележа скор од седум победи и две нерешени средби, со што вкупно освои 16 бода.
Минимално подобар резултат имаше ШК Нов напредок од Штип, кој финишираше на првата позиција со осум победи и со една нерешена средба (токму со ШК Мулти Есенс). Овие две екипи се новите прволигаши во шах.
Во текот на првенството, ШК Кочани беше достоен ривал за втората позиција, но во директниот дуел одигран во претпоследното 8. коло ШК Мулти Есенс извојува победа со 4,5 : 1,5 и го визираше својот билет за елитната дивизија.

– Со оглед на тоа што е ова штотуку регистриран, млад клуб кој има цел да ги задржи младите шахисти од школата на ШК Алкалоид, почнавме преку квалификациите со пласман во Втората лига, а сега продолжуваме со пласман во Првата лига. Целосно сум задоволен од залагањето на сите играчи. Некои од нив демонстрираа подобра форма во квалификациите одиграни пролетта, а некои во овие натпревари. Би рекол дека е тоа нормално, станува збор за екипен настап, но успеавме да не изгубиме ниту еден меч и со две нерешени средби завршивме на второто место, кое го сметам за одличен резултат – изјави капитенот ВМ Трајко Недев.
Осврнувајќи се на искуствата од настапот во Втората лига, велемајсторот Недев го издвојува справувањето со стресот во случаите кога требало да се прекрши резултатот во корист на тимот.
– Бидејќи е ова нов тим, имаме мал број членови, но се надевам дека тој број ќе се зголеми и дека ќе имаме поголем фонд на играчи. Тренерите во школата на ШК Алкалоид во континуитет работат во текот на годината со младите категории и, притоа, оние младински шампиони кои со своето залагање, рејтинг и со своите титули ќе се покажат во најдобро светло ќе се најдат во екипата. Квалитетот на оваа екипа допрва ќе треба да се покаже. Играчите немаат доволно искуство, тоа се покажа и во текот на лигата кога имаше тешкотии да се добијат некои тесни дуели, но би рекол дека беше плус да се почувствува стрес во моментите кога се решаваа мечевите и да се има контрола на другите табли. Тоа е едно искуство кое е добро за играчите, па се надевам дека со годините ќе станат сѐ подобри.
Иако мечевите од Втората лига завршија, визиите за натамошен развој на клубот се веќе во оптек, па ВМ Недев очекува дека претстојната година ќе биде исполнета со дополнителни подготовки.
– Секако дека Првата лига е посложена. Временската разлика од една година е доволна, но сѐ ќе зависи од нивната самостојна работа. Клубот ги поддржува со тренерска работа, но треба да се играат и турнири преку годината за играчите да ги зголемат својата шаховска сила и својот рејтинг. Мислам дека клубот ќе застане зад нив обезбедувајќи зголемен фонд на часови, а се надевам дека ќе бидат вклучени и неколку кампови.

Во согласност со пропозициите, на првите две табли за ШК Мулти Есенс настапуваа младите велемајстори Лука Драшковиќ (2.492) од Црна Гора и Лука Будисављевиќ (2.478) од Србија, додека, пак, седуммина млади шахисти од школата на ШК Алкалоид играа од третата до шестата табла: Теодор Јовановски (2.112), Стојан Велкоски (2.070), Матео Ефтовски (2.005), Андреј Иванов (1.905), Стефан Мелник (1.874), Дино Табаковски (1.852) и Кирил Николовски (1.842). Иако, во целина, тимскиот резултат беше најважен, на овој турнир блескаа играчите на првата, втората и на петтата табла, односно Драшковиќ и Будисављевиќ освоија 8, односно 8,5 поени од 9 партии, додека, пак, Ефтовски им се приклучи со 8 поени од 9 меча, играјќи многу солиден турнир, без ниту еден пораз.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

