Македонија
Отворени пријавувањата за трката „Халк вело грин“, која ќе се одржи на 8 септември во Маврово

Сите љубители на велосипедизмот и природата, од најмлади до најискусни, рекреативци или професионалци, и оваа година на 8. септември во Маврово ќе може
да учествуваат и да се забавуваат на традиционалната вело трка на Халкбанк – Halk Velo Green.
Пријавувањето за петтoто издание на хронометар велосипедската трка со должина од 22 км е веќе започнато и истото ќе биде отворено најдоцна до 3. септември.
Early Bird котизациите за регистрација од 600 денари ќе бидат актуелни до 15 август, а потоа пријавувањето ќе се врши со котизација од 800 денари. Како и изминатите години,така и оваа, сите собрани средства од котизации ќе бидат наменети за пошумување и заеднички допринос во зголемување на „зелениот фонд” на земјата.
И оваа година трката ќе биде организирана во три категории: ХОБИ, ДЕЦА и ЈУНИОРИ (во машка и женска кокуренција). Во секоја категорија, најбрзите ќе бидат наградени со парични награди, но, на пиедесталот ќе има простор за истакнување и на најдобрите во старосните категории и најдобрите меѓу пријавените тимови.
Покрај самата трка која ќе започне од 10 часот, на просторот предвиден за старт и цел, ќе се одвива и богата забавна програма наменета за сите поддржувачи на спортот и љубители на планината. Програмата ќе биде исполнета со многу музика, забавен натпревар со баланс велосипеди и тротинети за дечиња до 6 годишна возраст, добра храна и дружба.
Сите детали и правила за HalkVeloGreen трката на Халкбанк, се поставени на веб страната: halkvelogreen.mk
HalkVeloGreen е дел од општествено одговорните активности на Халкбанк насочени кон поттикнување и негување здрави животни навики и заштита на природата, а кои се реализираат во партнерство со Mastercard преку платформата ХалкЕко.
Започната во 2020 година, оваа трка побуди голем интерес кај луѓeто кои го користат велосипедот за спортување, рекреација или како превозно средство. HalkVeloGreen успешно ја постигнува и својата зелена мисија, преку донациите за засадување над 20.000 садници во македонските шуми – со средства генерирани во заедништво на организаторот и учесниците на трката.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Очигледен е стравот на Мицкоски од содржината на материјалите на АНБ

Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека со вчерашната изјава премиерот потврдил дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен.
„СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење? Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали Мицкоски работел на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизаиција на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ поврзано со „Делчевски ниви“?“, праша Кузеска.
Ако Христијан Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи, додаде таа, го повикуваме директорот на АНБ, Бојан Христовски да го стори истото и да го стави државниот интерес пред интересот на партијата.
Македонија
Галетановски: Возилото е изгорено целосно, ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски се огласи на социјалните мрежи откако ноќеска му беше запалено возилото.
„Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, нити наштетил. Сум помагал и ќе помагам на кого можам секогаш. Секоја чест на пожарникарите, што пристигнаа за 3 минути, и пламенот не ги зафати куќите.
Апелирам до министерот, и до Министерство за внатрешни работи и надлежните најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје и цела држава на сите граѓани. Има и сејф сити и камери окулу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, напиша тој.
Македонија
СДСМ ги осудува криминалниот чин и палењето на возилото на Галетановски: МВР веднаш да го расчисти случајот

СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација, Ѓорѓи Галетановски.
„Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена.
МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи.
Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат“, велат од СДСМ.