Свет
Рјабков за можноста Русија да распореди нуклеарно оружје поради американските ракети: „Ништо не е исклучено“
Официјална Москва денеска соопшти дека не исклучува распоредување ракети, вклучително и оние со нуклеарни боеви глави, како одговор на американското распоредување на ракети со долг дострел во Германија.
Ова го потврди рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, пренесува руски Интерфакс и извештаите на Европската правда.
Рјабков во интервјуто се осврна на изјавите на германскиот министер за одбрана Борис Писториус кој рече дека американските ракети кои ќе бидат распоредени во Германија ќе бидат конвенционални, односно ненуклеарни. На прашањето дали Русија размислува за распоредување нуклеарни ракети, Рјабков рече: „Не исклучуваме ниту една опција“.
Рускиот функционер, исто така, ги обвини Германија и САД за „целосно напуштање на системот на договори за контрола на оружјето“.
„Во овој случај, земајќи ги предвид збирните можности на земјите-членки на НАТО, ние мора да ги калибрираме нашите одговори избегнувајќи внатрешни проверки за тоа што, каде и кога нешто може и треба да се распореди. Тоа значи дека нашиот избор на одговор треба да биде најширок можно“, изјави висок функционер на руското МНР.
За време на неодамнешниот самит на НАТО во Вашингтон, беше објавено дека САД и Германија се договориле, меѓу другото, да распоредат ракети со долг дострел Томахавк во Германија за зајакнување на одвраќањето и заштита на нивните сојузници во НАТО.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави планот за распоредување американски ракети со долг дострел во неговата земја. Шолц рече дека одлуката „совршено се вклопува во безбедносната стратегија на германската влада“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.
Свет
Северна Кореја ги осуди нападите врз Иран: „Нелегална агресија“
Северна Кореја ги осуди израелските напади и американската воена операција против Иран, нарекувајќи ги „нелегална агресија“ и кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на државната агенција КЦНА.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавил дека американската операција била очекувана и ја оценил како неизбежен исход поради, како што навел, хегемонистичката и гангстерска природа на САД. Во соопштението се наведува дека агресорската војна на САД и Израел е неприфатлива во какви било околности.
Пјонгјанг повика регионалните земји и другите заинтересирани страни да преземат одговорност за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Израелската војска претходно објави дека почнала опсежни напади врз центарот на Техеран, по операцијата во која беше убиен иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Фото: Depositphotos
Свет
Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

