Македонија
Таравари: Вработувања во здравството ќе има, но покачување плати, да бидам искрен, тешко до крајот на годинава
Министерот за здравство, Арбен Таравари, ќе преговара со синдикатите за нивните барања за нови колективни договори во здравството, но она што ќе се договори би можело да се реализира не до крајот на оваа, туку следната. До крајот на оваа година предвидени се нови вработувања, но нема простор за покачување на платите.
„Вработувања секако ќе има, меѓутоа покачувања и нов колективен договор по барање на синдикатите, искрено, да бидам искрен, можам да кажам сешто, но тешко е да се спроведе до крајот на оваа буџетска година. Имаме огромен буџетски дефицит. Меѓутоа, за предлог-буџетот помина првото читање, сега е второто, јас се надевам дека во здравството нема да има огромно скратување на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година“, рече министерот Таравари.
Најави дека со синдикатите ќе продолжи да преговара, но ќе бара од нив разбирање оти годинава е невозможно да се донесе нов колективен договор.
Синдикатите на здравствените работници со месеци бараат нов колективен договор за вработените со кој ќе се зголемат платите во здравството.
Ставот на министерот Таравари воопшто не е изненадување по минатонеделното задолжение од Владата што го добија сите институции да внимаваат при потпишувањето нови колективни договори и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка,
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.
Македонија
(Видео) Големи поплави во Кичево, ЦУК на терен
Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи за состојбата до 17:00 часот со обилните врнежи, во Скопскиот Регион, во Општина Сарај поради поплавите во селата Буковиќ и Семениште, преземени се координирани активности за надминување на состојбата.
„Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата“, соопштуваат од ЦУК.
Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини.
Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.
„Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито“, информираат од ЦУК.
Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Лицата на кои им е потребно привремено сместување ќе бидат згрижени во спортската сала во Иванидол. На терен интервенираат екипи на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица, кои постапуваат согласно приоритетите и пријавите од граѓаните.
Свикан е Кризен штаб кој ја следи состојбата и ги координира активностите за заштита и помош. Од Општината апелираат на смиреност, трпение и внимателност, нагласувајќи дека ќе бидат искористени сите расположливи ресурси за справување со последиците од невремето.

