Македонија
Таравари нема да се слика со акцелераторот во „8 Септември“ пред да се пушти во употреба, како што правеа Филипче и Сали
Најмалку шест месеци ќе требаат за да биде ставен во употреба акцелераторот во ГОБ „8 Септември“ за зрачна терапија на онколошките пациенти. Министерот за здравство Арбен Таравари, денес, по посетата на болницата рече дека ќе им требаат најмалку три месеци за да ги направат сите потребни контроли и да утврдат што недостасува и каде треба да се инвестира. За тоа најави дека ќе ангажираат специјалисти.
Не би кажал дека за помалку од шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот. Отсега не промовираме однапред. Пет – шест пати се дојдени различни министри и промовирале дека акцелераторот почнува да се користи. Искрено состојбата таму изгледа добра, кај што е поставен акцелераторот, Ние ќе дојдеме да го промовираме откако ќе бидат зрачени двајца или тројца први пациенти. Тогаш ќе дојдеме, но дајте ни рок од шест месеци да ги направиме сите потребни подготовки за да може да функционира“, рече министерот Таравари.

Димитар Ковачевски заедно со Беким Сали покрај акцелераторот го прослави Денот на независноста во 2022 година и најави дека акцелераторот ќе биде пуштен во употреба до крајот на годината
Акцелераторот го набави поранешниот министер Никола Тодоров во 2015 година за 1,9 милион евра. Во 2016 беше ставен камен – темелник на бункерот за него, а во 2019 година тогашниот министер Венко Филипче се сликаше со акцелераторот за да покаже дека финишира неговото инсталирање, но апаратот никако да биде ставен во функција.

Во 2019 година тогашниот министер Венко Филипче се сликаше со акцелераторот за да покаже дека финишира неговото инсталирање
Пациентите, тргнувајќи од Филипче, слушаа изговори зошто апаратот не е во функција и лажни рокови за негово пуштање во употреба. Покрај апаратот се сликаа и премиери. Последен беше Димитар Ковачевски кој заедно со поранешниот министер Беким Сали покрај акцелераторот го прослави Денот на независноста во 2022 година и најави дека ќе биде пуштен во употреба до крајот на годината. И следната година Ковачевски како премиер Денот на независноста го славеше во истата болница, но со друг министер – Фатмир Меџити и промовираа друга модерна опрема. Меџити пред крајот на мандатот кажа дека ја потпишал потребната документација за акцелераторот, но тој остана непуштен во употреба.
Според најавите на актуелниот министер, Таравари, акцелераторот ќе може да биде пуштен во употреба најрано следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на минатата недела отстранети 𝟨𝟣𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

„Приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад беа отстранети од улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто 13 записници се врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Воедно, Претпријатието продолжува со секојдневно одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење на булеварите и поголемите улици, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.




Македонија
„Али Ахмети чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник, Артан Груби знае премногу“, велат од ВЛЕН
„Стариот лисец Али Ахмети од вчера, од мајстор на политичкиот занает, стана ранет играч кој чека политичка егзекуција од поранешниот најблизок соработник. Црната кутија на владеењето на ДУИ се стави на располагање на правдата. Вистината неизбежно ќе почне да излегува на површина“, велат од ВЛЕН.
„Артан Груби не беше обичен функционер. Тој беше извршител, координатор и доверлив човек за сите клучни одлуки во изминатите години. Од задкулисни договори, преку сомнителни тендери, до политички пазари, Груби беше присутен секаде каде што се кроеше моќта на ДУИ. Затоа денес не станува збор само за индивидуална одговорност, туку за систем што почнува да се расплетува.
Во ДУИ знаат зошто владее паника. Стравот не е од правдата, туку од тоа што Артан Груби знае премногу. Тој е сведок на сите матни зделки, на сите политички конструкции и на сите договори кои со години се правеле на штета на граѓаните. Куќниот притвор е последица на подготвеноста на Груби институционално да се соочи со сопствените гревови. Поентата е дека институциите конечно ја отвораат темата што ДУИ со години ја закопуваше, како се управуваше моќта и каде завршија одлуките и парите.
По катастрофалниот пораз на локалните избори и по распадот на лажните ветувања за предвремени избори и „сигурен“ влез во Влада, ДУИ се соочува со најтешкиот момент во своето постоење.
Враќањето на Груби не е крај на процесот. Тоа е почеток. Почеток на расплет кој може да доведе до целосно разобличување на начинот на кој функционираше ДУИ. Прашањето повеќе не е дали ќе има политички последици, туку колку длабоки ќе бидат тие.
Ако црната кутија е Груби, тогаш нејзиното преслушување значи директен удар врз Али Ахмети. И додека јавноста очекува правда, останува да се види кој сè ќе мора да понесе одговорност во деновите што следуваат. Од денес, ДУИ веќе не ја контролира приказната, приказната почнува да ја контролира ДУИ“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Штедачите на Еуростандард банка: Пет и пол години од пропаѓањето на банката, случајот сè уште нема судска разрешница
Поминаа повеќе од Голем број граѓани и компании останаа без своите заштеди и деловни средства, додека постапката што ја водат надлежните институции останува без јавно објавен епилог, реагираат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
Истрагата, како што велат, отворена во февруари 2021 година, е насочена кон поранешни највисоки раководни лица на банката, односно членови на надзорните и управните структури и лица одговорни за кредитната политика и носењето на клучните финансиски одлуки.
„Според информациите што досега беа објавени во јавноста, предмет на истражување се сомнежи за незаконско и високо ризично кредитирање на компании, воспоставување систем на меѓусебни позајмици со цел прикривање на реалната изложеност, измама и злоупотреба на службена положба, како и елементи на перење пари и други финансиски малверзации поврзани со управувањето на банката во периодот пред нејзиниот колапс.
И покрај сериозноста на наводите и обемот на штетата, по повеќе од пет години нема поднесено обвинение ниту започната судска постапка. Овој застој отвора прашања за ефикасноста на институциите и за примената на принципот на еднаквост пред законот, особено кога станува збор за случаи со големи финансиски импликации и јавен интерес“.
Оштетените граѓани и компании, додаваат од здружението, имаат право на транспарентна и правична постапка, како и на јасен одговор дали и кога ќе се утврди кривична одговорност.
Според нив, владеењето на правото подразбира дека секое сериозно сомневање за криминал мора да биде процесуирано навремено и непристрасно, без оглед на позицијата на оние кои биле дел од раководните структури.
„Секој дополнителен ден без институционална одлука ја продлабочува перцепцијата дека постојат двојни стандарди во примената на законот. За да се врати довербата во системот, неопходни се транспарентност, отчетност и навремена правна разрешница“.

