Македонија
До декември потешките операции, место во Клинички, ќе се прават во „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“, Таравари најави нов тендер за компресорска станица
Хируршките сали во Клиничкиот центар ќе функционираат со надворешни компресори и со намален интензитет до декември. Ова решение како привремено беше најдено откога во мај годинава се појави смрдеа во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух. Министерот за здравство Арбен Таравари очекува дека дотогаш целосно ќе заврши процедурата за нова компресорска станица по нов оглас, кој ќе го распише Министерството за здравство по неуспешниот тендер на ЈЗУ УК, завод и ургентен центар – Скопје.
„На последната седница на Владата помина информацијата обврската за набавка на компресорската станица во Клиничкиот центар да ја преземе Министерството за здравство. Се надевам што побргу да почне процедурата. Ќе одиме преку јавна набавка, да биде транспарентно. Очекувам тоа да заврши за три-четири месеци. Со надворешни компресори во Клиничкиот центар ќе се работи до ноември или декември додека се постави нова компресорска станица. До тогаш ќе направиме уште едно усогласување со ’8 Септември’ и со ’Св. Наум Охридски’ одредени потешки случаи, за кои нема услови, да се сработат во овие две болници, кои и досега работат добро, но можеби ќе побараме малку поголем ангажман од нив“, рече министерот Таравари.
Ако и на овој тендер нема заинтересирани, министерот Таравари најави дека компанијата што ќе ја набави, ќе ја монтира и ќе ја пушти во употреба новата компресорска станица ќе ја избере преку директен договор.
Хируршките сали на Клиничкиот центар беа затворени на 22 мај година. Министерот за здравство во тогашната техничка влада, Илир Демири, извести дека примероци од гасот веднаш биле испратени на анализа во Германија, која треба да покаже зошто има лоша миризба, но цели два месеца подоцна анализата ја нема. Сегашниот министер Таравари вели дека сѐ уште не добил резултати од анализата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ристо Пенов ја отвори конститутивната седница на Советот на Град Скопје
Како највозрасен меѓу советниците во Советот на Град Скопје, поранешниот градоначалник на главниот град и член на Либерално-демократската партија, Ристо Пенов ја имаше честа да претседава со првата седница на новиот состав.
Со искуство, стабилност и визија, Пенов повторно ја потврди заложбата на ЛДП – Скопје да стане модерен, зелен и функционален град за сите, велат од партијата.
„Нашите приоритети за следниот мандат се активностите за почисто и позелено Скопје, воспоставување на паметен и одржлив сообраќај, модерен урбан развој на градот и зголемено ниво на транспарентност и соработка меѓу градот и општините“, изјави Ристо Пенов.
Ристо Пенов влезе во Советот како носител на советничката листа за Град Скопје на коалицијата „Искуство за успех“. Меѓу останатите програмски заложби на Пенов се и загарантираниот буџет за велосипедски патеки и инфраструктура, субвенциите за велосипеди за граѓаните кои со нив одат на работа и повторното заживување на Градскиот Трговски Центар, посочуваат од ЛДП.
Македонија
ЕУ го поздрави договорот: Железницата меѓу Македонија и Бугарија ќе ја зајакне регионалната безбедност
Европската Унија го поздрави потпишувањето на договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 меѓу Македонија и Бугарија.
На „Икс“ претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, напиша дека изградбата на железницата е потик во регионалниот развој и зајакнување на регионалната безбедност.
„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“, стои во објавата на претседателот на Европскиот совет.
Исто така, и еврокомесарката Марта Кос го поздрави потпишувањето на договорот и објави:
„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето“, напиша еврокомесарката Кос.
Договорот за изградба и оперативност на железничкиот тунел на Коридорот 8, вчера, во Ѓуешево, го потпишаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и заменик-претседателот на владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов.
Пругата на Коридорот 8, покрај економското значење за Македонија, за регионот и Европа, има и безбедносно значење од аспект на НАТО.
Македонија
Ѓорѓиевски за акцијата за чистење: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг
Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сè се може, вели градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со најавената голема акција за чистење на Скопје, чиј почеток беше означен синоќа кај салата „Борис Трајковски“, а на која беа присутни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини, како и премиерот, Христијан Мицкоски.
Ѓорѓиевски, другите градоначалници и премиерот синоќа на „Фејсбук“ објавија фотографии од камиони и друга механизација што ќе го чисти Скопје, а беа објавени и фотографии од работници со лопати, багери во „Вардариште“ и слично.

„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник, ја почнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72-часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сè се може. Тоа, всушност, е наша обврска, за тоа граѓаните нè плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати“, објави скопскиот градоначалник.
Инаку, денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје со новиот состав и со Ѓорѓиевски на чело. Тој рече седницата е чин, каде што се испраќа силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.
„Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека Градот ќе обезбеди поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт и дека ќе обезбеди јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација.
„Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација“, рече Ѓорѓиевски.

