Свет
Венецуела во хаос: властите обвинуваат за хакерски напади од Северна Македонија
Големи немири избувнаа во главниот град на Венецуела еден ден откако претседателот Николас Мадуро изјави дека победил на изборите.
Неколку илјади демонстранти се обидоа да се приближат до претседателската палата во главниот град Каракас, а полицијата и војската одговорија со солзавец и гумени куршуми. Би-би-си наведува дека левичарските паравоени формации им се придружиле на безбедносните сили и се судриле со демонстрантите и блокирале многу патишта околу центарот на градот.
Облаци чад од запалените гуми се издигнуваат над Каракас. Демонстрантите, кои претежно се на мотори, користат „молотови коктели“ за време на судирите со полицијата.
Агенцијата РИА наведува дека во близина на претседателската палата се слушнале истрели и дека граѓаните трчале за да се заштитат. Министерот за одбрана, Владимир Падрино Лопез, на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека за време на немирите во Венецуела се повредени повеќе од 20 војници и дека некои добиле прострелни рани.
Главниот аеродром во Каракас засега работи нормално.
Протестите ја зафатија и сојузната држава Ла Гуаира, каде што демонстрантите ја урнаа и запалија статуата на поранешниот претседател Хуго Чавез на централниот плоштад.
Државниот обвинител Тарек Сааб во понеделникот објави дека од Северна Македонија бил извршен сајбер-напад насочен кон изборниот систем, кој наводно го нарушил процесот на броење гласови за време на претседателските избори одржани викендов. Нападот наводно е поврзан со адвокатот и опозициски активист Лестер Толедо.
Опозицијата ги оспори изборните резултати и тврди дека Едмундо Гонзалес победил убедливо со 73 отсто од гласовите. Испитувањата на јавното мислење пред изборите покажаа чиста победа на Гонзалес, кој беше поддржан од речиси сите опозициски партии во обид да го собори Мадуро по 11 години власт. Многу опозициски лидери се засолниле во аргентинската амбасада плашејќи се да не бидат уапсени, а РИА известува дека демонстрантите се обиделе да се пробијат до нив.
Мадуро рече дека опозицијата нема да може да создаде политичка криза во Венецуела.
„Ова се луѓето што ќе владеат со Венецуела? Сакаат да дојдат на власт и да преземат функција? Да почне граѓанска војна? Не можеа и нема да можат. Акти на насилство и фашизам нема да поминат“, нагласи претседателот во обраќањето до граѓаните.
Венецуелската влада доцна во понеделникот објави дека ги повлекува дипломатите од голем број земји од Латинска Америка, кои не ги признаваат резултатите од претседателските избори, и истовремено побара овие земји веднаш да ги повлечат своите претставници од Венецуела. Прв реагира Перу, кој на венецуелските дипломати им даде рок од три дена да ја напуштат земјата.
Венецуела исто така привремено ќе ги прекине комерцијалните летови со Панама и Доминиканската Република како одговор на нивното наводно мешање во работите на земјата.
Актуелниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, победи на претседателските избори одржани во неделата кога освои 51 отсто од гласовите, а опозицискиот кандидат Едмунд Гонзалес освои 44 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

