Македонија
Се огласи МВР откако властите во Венецуела ја обвинија Северна Македонија за хакерски напади
Во врска со објавите за наводни изјави од страна на властите во Венецуела дека за време на изборите кои биле одржани на 28 јули се случиле наводни хакерски, Ddos напади од корисници на македонски IP адреси, Министерството за внатрешни работи објави дека ги следат случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани. Од тука истакнуваат дека досега, не се пристигнати никакви барања или информации од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од страна на МВР.
„Исто така, ја информираме јавноста дека дури и појавувањето на македонски IP адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од Македонија, односно по досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или пак да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери. Најчесто жртви на ваквите зомби компјутери се лица кои не знаат дека нивните компјутерски системи се инфицирани со малициозен софтвер и без нивно знаење и согласност се вршат Ddos напади кои претставуваат злонамерен обид да се наруши нормалниот интернет сообраќај на зададениот сервер, сервис или мрежа за пристап до одредена цел во еден ист момент со цел блокирање, преоптоварување на истата“, велат од МВР.
Државниот обвинител во Венецуела Тарек Сааб во понеделникот објави дека од Северна Македонија бил извршен сајбер-напад насочен кон изборниот систем, кој наводно го нарушил процесот на броење гласови за време на претседателските избори одржани викендов. Нападот наводно е поврзан со адвокатот и опозициски активист Лестер Толедо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Гази баба ќе доделува по 8.000 денари за секое новороденче
Од 1 јануари секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6.000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8.000 денари“, објави Стефковски.
Тој додава дека со ваквите мерки директно се придонесува за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот.
Македонија
Ревносно се кријат постапки за бетонизации, на советниците не им се овозможува законски гарантираниот пристап до е-урбанизам, велат од Левица
Во повеќе општини во државата, советниците на Левица систематски се оневозможуваат да имаат пристап до системот е-урбанизам – клучната платформа преку која се водат постапките за изработка, изменување и носење на урбанистички планови, велат од Левица.
Ова, според нив, е свесна и организирана практика со, како што наведуваат, јасна политичка и материјална позадина, да се елиминира контролата и да се сокрие урбанистичкото планирање од оние кои имаат законски мандат да го надгледуваат и одлучуваат.
„Со ваквото постапување, општинските раководства директно ја узурпираат улогата на Советот и ја суспендираат неговата надзорна функција. Урбанизмот како висококоруптивна и најпрофитабилната сфера на локалната власт, се турка во нетранспарентни канали, далеку од очите на советниците, а уште повеќе од очите на граѓаните. Кога на избрани претставници им се ускратува увид во плановите, тоа значи дека се крие каде, што и во чиј интерес ќе се бетонизира, што ќе се пренамени, и кои јавни површини ќе станат приватни парцели.
Ова претставува класичен пример на институционализирана тајност во служба на инвеститорскиот урбанизам. Наместо отворен процес, јавни расправи и аргументирано планирање, се креира паралелен систем во кој одлуките се носат зад затворени врати, а Советот се сведува на гласачка машина без информации. Тоа е директен удар врз демократскиот поредок на локално ниво и грубо кршење на принципите на транспарентност, отчетност и учество на јавноста“.
За Левица, ваквото, како што додаваат, оневозможување на пристап е директно кршење на законските одредби.
„Пристапот до е-урбанизам за органите на донесувачот и учесниците во постапката не е привилегија, туку законски утврдено право и обврска, токму за да се обезбеди контрола, транспарентност и целосна информираност при носењето на одлуки што трајно го менуваат просторот. Со блокирање на тој пристап, се оневозможува вршењето на советничката функција, се суспендира демократската процедура и се газат начелата на урбанистичкото планирање“.
Левица го повикува Министерството за локална самоуправа и министерот Златко Перински конечно, како што велат, да престанат да бидат неми набљудувачи и институционален декор.
„Ова министерство, кое по дефиниција треба да биде гарант на законитоста и функционирањето на локалната самоуправа, во пракса е целосно невидливо кога се газат правата на советниците и кога се дерогира демократската контрола“.
Бараат итна реакција, вонреден инспекциски надзор и санкционирање на сите општински раководства што свесно ја блокираат транспарентноста“.
Секое понатамошно молчење од страна на министерот Перински ќе значи отворено соучесништво во прикривање на урбанистички криминал, во заштита на градежни интереси и во разорување на законскиот поредок на локално ниво. Министерството или ќе почне да ја врши својата функција, или јасно ќе покаже дека служи како параван за бетонизацијата, а не како чувар на јавниот интерес“.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.

