Македонија
Трендафилов: Платите во јавниот сектор наредните четири години ќе растат по 15 отсто годишно, Владата да предвиди пари, изморени сме од изговори

Новата Влада ќе ја има поддршката од синдикатите само доколку престанат да вработуваат партиски кадри и да ја зголемуваат јавната администрација, ако ги зајакнат капацитетите и ако престанат да ги злоупотребуваат вработените во јавниот сектор. Во спротивно, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека се подготвени на штрајкови. Тој денес ја следи ситуацијата во првата јавна дискусија „Сите заедно за професионална и јавна администрација“.
„Дојдовме денеска да слушнеме дека ќе ги зголемуваат платите бидејќи без плата нема ни работа во конкретниот случај во државата. Очекуваме тоа што ќе го кажат и министрите дека ќе значи усогласување на платите од септември оваа година, како и дополнителното зголемување на платите в година, кое ќе се случи во согласност со општиот колективен договор за јавен сектор. Платите во јавниот сектор наредните четири години ќе растат по 15 % годишно и новата Влада треба да предвиди пари во буџетот, да немаат изговори. Ние работниците се изморени да слушаме изговори од нивна страна“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов, пред почетокот на дискусијата.
Тој очекува од учесниците во дискусијата она што ќе го кажат да значи токму зајакнување на капацитетите, престанување на злоупотребувањето на вработените во јавниот сектор, департизација на јавниот сектор, да не вработуваат партиски кадри во наредниот период, со кои ја зголемуваат јавната администрација како во изминатиот период.
„Ние ќе бидеме подготвени во овој процес. Нашата поддршка ќе ја имаат само доколку ги направат овие работи, во спротивно, ние, синдикатите, сме подготвени и на други непопуларни чекори“, рече Трендафилов.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочовска, по подготвувањето на ребалансот на буџетот, со одлука на Владата ги задолжи сите институции при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата