Македонија
Општина Пехчево бара доброволци за гаснење на пожарот, се забранува самоиницијативно одење

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, синоќа, објави нов повик на кризниот штаб преку кој ги повика сите доброволци повторно да земат учество за целосна локализација и ликвидирање на пожарот.
„Доброволците, утрово, во 5 часот, да бидат на зборното место на плоштадот Свети Петар и Павле, од каде што соодветно ќе бидат упатени за понатамошна интервенција. Потребно е со себе да понесат лопати. Најстрого се забранува самоиницијативно одење да се гасне пожарот“, се вели во повикот.
Пунктот за донирање храна и вода сместен во просториите на Домот на културата во Пехчево и понатаму останува отворен за сите што ќе сакаат да донираат продукти и вода за доброволците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Бит Пазар е економска и културна гордост на Чаир

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска оствари средба со трговците на Бит Пазар.
Во разговорот со нив, Меџити истакна дека Општина Чаир, иако нема индустриска зона и големи компании, се издвојува со голем број на мали и средни бизниси, со Старата Чаршија и со Бит Пазар, кои претставуваат економски и културен столб на нашата општина.
Тој нагласи дека Бит Пазар одиграл и продолжува да игра значајна улога во економската благосостојба на семејствата од Чаир и пошироко. Исто така, Старата чаршија, заедно со Скопското Кале и Бит Пазар, треба да функционираат како комплетна туристичка понуда за домашните и странските посетители.
Меџити се обврза дека трговците ќе бидат заштитени од нелојална конкуренција и дека ќе имаат институционална поддршка за развој на нивната дејност.
„Роден и израснат во Чаир, чувствувам дека Бит Пазар е вредност игордост за секој скопјанец. Затоа, мојата заложба е и институционално да помогнеме и да го развиеме овој историски, економски и културен капитал,“ нагласи Меџити.
Македонија
Ѓорѓиевски : Љубљана ќе биде град-партнер за развојот на Скопје

Остваривме извонредна и пријателска средба со долгогодишниот градоначалник на Љубљана, господинот Зоран Јанковиќ, објави актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Средбата, додава тој, поминала во пријателска атмосфера, при што биле разменети значајни искуства и визии за идната соработка помеѓу Скопје и Љубљана.
„Добив драгоцени совети и поддршка од градоначалникот Јанковиќ, со јасна определба Љубљана да биде град-партнер и вистински пример за развојот и модернизацијата на Скопје.
Посебен акцент ставивме на најголемите предизвици со кои се соочува нашиот град – јавниот превоз и чистотата.
Градоначалникот Јанковиќ ни даде ветување дека експертски тимови од Љубљана ќе бидат континуирана поддршка за Скопје, но не само во овие сфери, туку и во секоја област во која ќе побараме помош.
Договоривме интензивна соработка и зајакнување на капацитетите на градот Скопје во насока на креирање, планирање и спроведување европски проекти.
Верувам дека преку ова партнерство ќе изградиме поефикасен и поевропски град Скопје, достоен за своите граѓани.
Со задоволство го потврдивме статусот на побратимени градови и во таа насока упатив срдечна покана до господинот Јанковиќ за негова официјална посета на Скопје, град кој сака да учи од најдобрите“, вели Ѓорѓиевски.
Македонија
Божиновска: Секој рудар мора да се врати дома безбеден и горд, инспекциите се засилени, а казните построги од кога било

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска по повод Денот на рударите присуствуваше на свечената манифестација во РЕК Битола, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и раководството на АД ЕСМ. Настанот беше можност да се оддаде почит кон рударите и да се нагласи нивното значење за економијата на државата.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека рударите се економски столб кои секојдневно се соочуваат со предизвици за да обезбедат стабилност и иднина за државата.
„Секојдневна битка со длабочината и темнината за ресурси кои ја движат економијата. Наша цел е секој рудар да се враќа дома безбеден и горд. Министерството стои цврсто зад секој рудар – со современа опрема, безбедни услови за работа и фер стандарди за сите,“ порача министерката.
Таа испрати и јасна порака кон компаниите што работат во секторот:
„За оние што вложуваат во безбедноста на рударите и заштитата на животната средина, поддршката е целосна. Но за оние што мислат дека можат да ја заобиколат законската регулатива – нема компромиси. Инспекциите се засилени, контролите се редовни, а казните построги од кога било. Законот важи за сите – без исклучок“, нагласи Божиновска.