Свет
Во Кина забележан најтоплиот месец во историјата на мерењата
Кина го забележа својот најтопол месец во модерната историја – тоа беше јули, објавија кинеските државни медиуми додавајќи дека тоа е одраз на рекордното топло време забележано минатиот месец во светот. Просечните температури минатиот месец беа во просек 23,21 Целзиусови степени, што е повисока од 23,17 Целзиусови степени забележани во јули 2017 година, објави денеска кинеската национална телевизија.
Ова е највисокиот месечен просек откако земјата почна да собира сеопфатни метеоролошки податоци во 1961 година. На 22 јули светот го забележа најтоплиот ден во историјата на нашата планета, при што просечната глобална температура достигна 17,15 °C.
Она што ги прави годинешните рекордни високи температури и топлината невообичаени е тоа што, за разлика од 2023 и 2016 година, климатскиот модел Ел Нињо, кој ги зголемува глобалните температури поради потоплите води во источниот дел на Пацификот, заврши во април, но температурите не паднаа.
Некои научници веруваат дека овие податоци укажуваат на фактот дека влијанието на климатските промени врз зголемувањето на глобалните температури е поголемо од кога било досега.
Во јули е забележана повисока просечна температура во сите кинески провинции отколку во истиот месец од претходните години. Највисоки температури се забележани во провинциите Гуиџоу и Јунан, а потоа следуваат Хунан, Џиангкси и Жеџијанг, објави кинеската централна телевизија (CCTV).
Денеска, 1 август, температурите сѐ уште се многу високи во делтата на реката Јангце, а метеоролозите предвидуваат дека Шангај, Нанџинг, Хангжу и другите главни градови на провинцијата ќе продолжат да имаат високи температури во следните седум дена. Во Хангжу, известува CCTV, температурите би можеле да достигнат рекордно високо ниво над 40 Целзиусови степени.
Глобалното затоплување го направи времето во Кина поинтензивно и понепредвидливо. Втората по големина светска економија исто така доживеа некои од најинтензивните врнежи во поновата историја оваа година, што предизвика големи поплави и лизгање на земјиштето.
Во годинешната сезона на поплави во Кина се забележани 25 големи излевања на големите реки, повеќе од која било друга година од почетокот на евиденцијата во 1998 година, објави во четвртокот Министерството за водни ресурси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

