Македонија
Доградба и надградба на објектот „Изворче“ во Стар Аеродром, се проширува капацитетот за згрижување за плус 170 деца
Општина Аеродром ги стартува градежните работи за доградба и надградба на постојниот објект „Изворче“ во Стар Аеродром што е во рамките на детската градинка „Срничка“, а е изграден во 70-тите години на минатиот век.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески и претседателот на Советот, Антонио Петковски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска извршија увид во градежните активности.
Станува збор за капитален проект што предвидува изградба на приземје плус еден кат, со вкупно нето-површина од околу 1600 м2. Вредноста на проектот е речиси 120 милиони денари, заеднички финансиран со средства на Владата и Општина Аеродром и рок на изградба од 12 месеци.
Доградениот дел ќе биде комплетен објект со сите неопходни содржини за згрижување на плус 170 деца од 0 до 6-годишна возраст, а во моментов во овој објект се запишани околу 280 дечиња.
Доградбата ќе опфати 12 занимални, санитарни јазли, простории за прием на деца, просториии за воспитувачи, гардероби и санитарии за вработени, лекар, дистрибутивна кујна, лифт за транспорт на храна, тријажа, просторија за изолација и млечна кујна.
В. д. градоначалникот Митески истакна дека овој проект е од исклучително значење за жителите на овој дел од Аеродром, кој е населен со млади семејства со мали деца и се очекува листите за прием во градинките да се намалат во значителна мера.
Митески истовремено посочи дека Општина Аеродром останува посветено да работи на подобрување на условите во кои се згрижуваат нашите најмали жители, а со тоа се создаваат и современи услови за работа на воспитно-наставниот кадар со цел да можат вработените непречено да ги извршуваат своите задачи и на најдобар може начин да се грижат за нашите најмили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

