Македонија
Коалицијата „Вреди“: Придобивките од Охридскиот договор се посилни од обидите за негова приватизација

Денот на одбележувањето на Охридскиот Рамковен Договор конечно ја доби својата вистинска и институционална форма. Овој историски момент, кој претставува најголемо достигнување на албанскиот народ во Северна Македонија, конечно е ослободен од канџите на поединци кои со години го користеа за исполнување на своите лични желби и за присвојување на богатството на народот, велат од коалиција Вреди.
„ДУИ, со својата политичка ароганција и долгогодишно владеење, сè уште мисли дека може да присвои секое достигнување на албанскиот народ. Со ароганција се осмелија да организираат паралелен настан за овој значаен ден, спротивно на бројните повици да не го делат народот за овoj настан што треба да нè обедини сите. Тие секогаш кога зборуваат за „Охридскиот договор“ и се обидуваат да наметнат теми за легитимитет, треба да се разбере дека е обид да се оттргне вниманието од нивните корупциски скандали и одговорноста за нивниот 22-годишен режим. Тие се обидуваат да ја прикријат својата минато преполна со корупција, криминал и лошо управување“, посочуваат од коалицијата и додаваат:
„Со доаѓањето на Коалицијата ВЛЕН на власт, повеќе нема „Арберија Дизајн“ за организирање на Охридскиот Рамковен Договор за стотици илјади евра. Со доаѓањето на Коалицијата ВЛЕН на власт, повеќе нема лични желби, веселби и несериозност со единствена цел – збогатување. Со доаѓањето на Коалицијата ВЛЕН на власт, заврши времето на неодговорност. Со доаѓањето на Коалицијата ВЛЕН на власт, заврши ароганцијата на власта кон народот. Времето на презир и присвојување на достигнувањата на албанскиот народ од оние кои ги искористија за свои интереси заврши засекогаш. Коалицијата ВЛЕН е решена да ги промовира вредностите и достигнувањата на албанскиот народ со чест и одговорност, заштитувајќи ги интересите на граѓаните и борејќи се против секоја форма на корупција и злоупотреба на власта. Заедно ќе ја изградиме иднината што албанскиот народ ја заслужува“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)