Македонија
Левицата: ДПМНЕ ги измами гласачите – заедно со ДУИ изгласаа собраниска комисија за почитување на балансерот за етнички вработувања

Иако во својата предизборна програма, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше укинување на балансерот за вработувања по етнички клуч и негираше било каква соработка со криминалната ДУИ, гласачите на ДПМНЕ се повторно измамени и разочарани, велат од Левица.
„Имено, во итна постапка, денес пратениците на ДПМНЕ го изгласаа предлогот на ДУИ за формирање на собраниска комисија за мониторирање на спроведување на т.н. „Балансер”. Само пратениците на Левица гласаа против формирање на ваква бесмислена собраниска комисија.
Оваа соработка на ДПМНЕ со стариот коалиционен партнер ДУИ не е изненадувачки и доаѓа како резултат на пазарењето на ДПМНЕ за 2/3 мнозинство во Собранието со пратениците на ДУИ, кога наместо прифаќање на принципиелниот предлог на Левица за воведување на една изборна единица, ДПМНЕ одлучи да ја прифати условената поддршка за 2/3 мнозинство во Собранието на ДУИ – со формирање на парламентарна комисија за следење на етничката застапеност во државните органи, а со која ќе претседава кадар на ДУИ.
Со ова се покажува дека предизборното ветување на ДПМНЕ дека ќе биде укината праксата за вработувања во јавната администрација да се одлучува според етничката припадност, а не според личниот квалитет и стручност, е само уште една лага и манипулација.
Напротив, праксата за вработување по етнички клуч сега ќе биде институиционално унапредена преку набљудување на нејзиното спроведување од страна на собраниска комисија на ДУИ, а партиската војска на ВРЕДИ и на ДУИ ќе продолжи непречено да се вдомува во државните институции!
Воедно, со непринципиелното пазарање и соработка на новата власт со криминалните структури на ДУИ, станува сé помалку веројатно дека ДУИ ќе се соочи со било каква одговорност за нивните злодела и криминани.
Левица се залага за итно и целосно укинувањето на „Балансер”, како нужен чекор за запирање нa погубниот процес на партизацијата на јавната администраја и подобрување на ефикасноста и компетентноста на државниот апарат!
Дотолку повеќе, Балансерот претставува извор на дискриминација и воопшто не ги исполнува целите за кои е направен, што е констатирано и од Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Република Македонија за 2023 година“, стои во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почна изборната кампања за иборите на 19 октомври

Денеска почна дваесетдневната изборна кампања за локалните избори закажани за 19 октомври.
Изборната кампања започна на полноќ и ќе трае дваесет дена односно до 17 октомври на полноќ, по што настапува 24-часовен молк пред изборите на 19 октомври. Вториот круг на изборите ќе се одржи две недели подоцна, на 2 ноември.
На локалните избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Право на глас на Локалните избори имаат 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 во земјата додека останатите 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список со лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство, 2.162 гласачи кои се на издржување казна затвор или притвор и 450 гласачи кои ќе остварат гласачко право во старските домови.
Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во црквата на македонската заедница во Стерлинг Хајтс, Мичиген: Татковината не може да се менува

Со посетата на македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген и средбата со македонската заедница, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја заокружи работната посета на САД.
Таа присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари куса средба со Митрополитот на Американско-канадската епархија на МПЦ – ОА, Владиката Методиј.
Во име на свештенството, отецот Синиша истакна дека им претставува огромна чест присуството на претседателката Сиљановска-Давкова. „Вие носите одговорност којашто инспирира доверба, почит и надеж, со секоја ваша одлука, иницијатива и моќ, да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите“, порача по литургијата отецот Синиша.
Претседателката го изрази своето задоволство од топлиот прием од претставниците на македонската заедница за време на нејзината посета во Њујорк и Детроит и посочи дека нивните постапки и посветеност се доказ дека каде и да сме, не го губиме македонскиот идентитет.
„И кога сум во САД, само заради вас јас се чувствувам како да сум дома. Тоа е она што ме прави горда на вас. Ние мора да си ја повратиме дијаспората“, порача претседателката.
Таа укажа на важноста од одржување и засилување на врските со македонските иселеници и ги реафирмираше заложбите за формирање на Совет за дијаспора и регистер на дијаспората.
Оддавајќи им признание на нашинците за нивната успешност на професионален план дури и во најкомпетитивните држави како САД, претседателката им посака уште многу успех.
Цитирајќи го Бернард Шо кој рекол дека „се може да смените во животот, но татковината не може“, Сиљановска-Давкова порача: „Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца, ако сакаме да опстоиме“.
Претседателката го посети и Неделното црковно училиште што функционира во рамки на црквата, а каде што околу 120 македонски деца имаат можност да се запознаат со православната религија, со македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.
Македонија
Виз ер отвори уште една нова авиолинија од скопскиот аеродром – Штутгарт

Со првиот лет што полета денеска, понеделник, 29 септември, во 6:25 часот наутро, од Меѓународниот Аеродром Скопјe до Штутгарт, Виз ер отвори уште една нова авиолинија и дестинација од главниот град на Македонија до Германија, соопшти ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата ADP.
„Во соработка со Виз Ер и Владата, како ТАВ Аеродроми горди сме што ќе можеме да ги опслужуваме патниците на оваа нова редовна авионска линија од Скопјe до Штутгарт. Редовните летови меѓу двата града ќе ги задоволат потребите на нашите граѓани, бизнисмени и дијаспората. Ќе продолжиме да инвестираме во модернизација и подобрување на аеродромските услуги, нудејќи висококвалитетно корисничко искуство на сите патници и промовирајќи ја земјата како атрактивна дестинација и транзитен центар во регионот“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопјe до Штутгарт 3 пати неделно, секој понеделник, среда и петок. Во текот на летниот распоред на летови на аеродромот во Скопјe, односно до 24 октомври, времето на полетување од Меѓународниот Аеродром Скопјe во понеделник и петок е 06:25 часот, додека времето на пристигнување во Штутгарт е 11:10 часот по локално време. Во среда, патниците ќе полетуваат во 06:30 часот, а ќе слетуваат во 11:10 часот по локално време.
Во зимската сезона, патувањата ќе се одвиваат во понеделник, среда и петок, но сите летови со исти времиња на полетување и следување, односно 06:30 часот со 11:30 часот по локално време.
Со додавањето на Штутгарт на мапата на рути на Меѓународниот Аеродром Скопјe, Виз ер има вкупно 9 рути до 9 градови во Германија: Штутгарт, Берлин, Дортмунд, Баден-Баден, Фридрихсхафен, Хамбург, Франкфурт-Хан, Минхен-Меминген и Нирнберг.