Топ
Полицаец осомничен за обљуба со злоупотреба на положбата: „Сега ќе те пуштам, јас морам да пипнам, морам да видам“
Надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против еден полициски службеник. На осомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело „Обљуба со злоупотреба на положбата“ по член 189 став 1 од Кривичниот законик, извести Обвинителството.
Постои основано сомнение дека осомничениот – униформиран полициски службеник од ПС Бит Пазар, на 31.07.2024 година во 22:30 часот на бул.Крсте Мисирков во Скопје, пред хотел „Дајмонд“, со злоупотреба на својата положба ја навел оштетената која во моментот била во однос на подреденост да изврши друго полово дејство на тој начин го понижил нејзиното човеково достоинство и човековата личност. Осомничениот, постапувајќи по наредба за вршење на дејност на сообраќајни прекршоци од Законот за безбеност на сообраќајот на патиштата, со светлосен знак ја запрел оштетената која управувала ПМВ марка „Митсибуши Колт“ и при проверката на документацијата утврдил дека оштетената го управува возилото без возачка дозвола. Наместо да изготви и да ѝ врачи прекршочен платен налог, тој преку отворена возачка врата на возилото каде седела оштетената и ги фатил рацете и со главата и горниот дел од телото влегол внатре во возилото и ѝ ја повлекол маицата па почнал да ја бакнува по градите, вратот и лицето. Потоа напуштајќи го возилото ѝ рекол „Сега ќе те пуштам. Јас морам да пипнам, морам да видам“ и со трескање ја затворил вратата од возилото на оштетената ѝ одобрил да си замине. Оштетената го ставила возилото во движење и го пријавила настанот, по што во координација со јавен обвинител беа преземени предистражни дејствија за расветлување на случајот. Врз основа на земени примероци за ДНК и извршено препознавање беше утврден идентитетот на полицискиот службеник и против него е поднесена кривичната пријава.
Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци ќе ја попречи истрагата, предметниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје предложи на осомничениот да му се определи мерката притвор.
Судијата на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, за што обвинителството како незадоволно од ваквата одлука ќе поднесе жалба, особено имајќи предвид дека запретената казна за кривичното дело за кое се товари осомничениот е најмалку пет години затвор, се наведува во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.

