Свет
САД одобрија продажба на ракети на Германија

Соединетите држави одобрија продажба на Германија на приближно 600 проектили и опрема за нивните системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, во износ од пет милијарди долари.
Трансакцијата „ќе ја подобри способноста на Германија да се соочи со сегашните и идните закани и ќе ги зголеми одбранбените способности на нејзините вооружени сили“, соопштија од DSCA.
По ова одобрување на Стејт департментот, DSCA испрати, според законот, известување до Конгресот, кој мора да даде конечно зелено светло.
По избувнувањето на руската инвазија на Украина во 2022 година, Берлин стана вториот најголем снабдувач на воена помош за Киев по Вашингтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев: Невозможно е нуклеарно разоружување

Нуклеарното разоружување во светот во следната деценија не е можно дури и со целосен крај на конфликтот во Украина, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев.
Тој исто така изрази уверување дека во иднина ќе се зголеми бројот на земји со нуклеарни арсенали, пренесува РИА Новости.
„Дури и со целосен прекин на конфликтот околу таканаречената Украина, нуклеарното разоружување во наредните децении не е можно“, објави Медведев на својот канал Телеграм.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, исто така, посочи дека во светот ќе продолжи создавањето на нови, разорни видови оружје.
Свет
Украина испраќа делегација во Вашингтон за да преговара за договор за минералите

Украина оваа недела ќе испрати делегација во Вашингтон за да ги унапреди преговорите за стратешко партнерство со САД во областа на минералите, изјави министерката за економија, Јулија Свириденко.
„Овој дијалог ги претставува стратешките интереси на двете земји и нашата заедничка посветеност за градење силно, транспарентно партнерство“, рече Свириденко.
Во делегацијата ќе има претставници на украинските министерства за економија, надворешни работи, правда и финансии.
Свириденко додаде дека целта на преговорите е да се постигне договор меѓу страните за избор на проекти, законски рамки и механизми за долгорочни инвестиции во минерални суровини.
Договорот требаше да биде потпишан на крајот на февруари за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа. Сепак, договорот беше одложен по жестоката расправија меѓу Зеленски и претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс кога украинскиот лидер ги доведе во прашање напорите на САД за дипломатски крај на тригодишната војна во Украина.
Минатиот месец Зеленски рече дека Америка му испратила на Киев нова и сосема поинаква верзија на нацрт-договорот за минерални суровини, кој би им овозможил на САД пристап до природните ресурси на Украина во замена за натамошна воена поддршка.
Трамп одговори дека Зеленски очигледно сака да се повлече од договорот и предупреди дека украинскиот лидер ќе се соочи со големи проблеми доколку го стори тоа.
Свет
Американските медиуми: САД повлекуваат 10.000 војници од Европа

Пентагон го разгледува предлогот за повлекување до 10.000 американски војници од Источна Европа, што предизвика загриженост кај американските и европските претставници, објави „Ен-би-си њуз“ повикувајќи се на шест извори запознаени со планот.
Тие се од силите распоредени од американската армија по руската инвазија на Украина во 2022 година. Тогаш администрацијата на претседателот Џо Бајден испрати дополнителни 20.000 војници во источното крило на НАТО за да ја зајакне одбраната на сојузниците по должината на украинската граница. Според информациите на Ен-би-си, сегашниот предлог вклучува можност за повлекување до половина од овие сили.
Дискусијата за намалување на военото присуство доаѓа во време кога Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина, тврдат американски извори.
Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека очекува европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана бидејќи Вашингтон сака да ги пренасочи воените ресурси кон Кина и другите глобални приоритети.
Во февруари новиот министер за одбрана на САД, Пит Хегсет, за време на својата прва надворешнополитичка посета на Брисел изјави дека „стратешките околности не дозволуваат САД да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа“. Фокусот, рече тој, ќе биде на одбраната на јужната граница на САД и на одвраќањето на Кина.
Според Ен-би-си, некои европски функционери стравуваат дека овој потег може да се сфати како знак за американско повлекување од Европа, што според нив ќе ја охрабри Русија.
„Русија би го протолкувала намалувањето на американските сили како слабеење на одвраќањето и би била поподготвена да се меша во европските работи“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).
Бен Хоџис, пензиониран генерал, кој командуваше со американските сили во Европа, предупреди дека повлекувањето значително ќе ги ослаби одбранбените способности: „Полска и Романија ја зајакнуваат својата одбрана, но тоа сепак ќе остави празнина, што некој ќе треба да ја пополни“, рече тој.
На сослушувањето во Сенатот републиканскиот сенатор Роџер Викер ја критикува можноста за повлекување:
„Длабоко сум загрижен за опасните ставови на некои бирократи од среден ранг во Министерството за одбрана. Тие работат на повлекување на САД од Европа – честопати без знаење на министерот за одбрана“.
Ен-би-си пренесува дека портпаролот на Пентагон не го коментирал случајот, а американската војска исто така одбила да даде официјална изјава.
Во исто време, администрацијата на Трамп спроведува кратења во буџетот за одбрана, а повлекувањето на дел од силите од Европа би овозможило прераспределба на средствата во Индо-пацифичкиот Регион, кој Вашингтон го смета за постратешки важен.