Македонија
Левицата: Зошто власта го крие идентитетот на вработените во Министерството за односи меѓу заедниците?

Партијата Левица го критикува новиот министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, за наводната транспарентност на неговото министерство. Според соопштението на Левица, иако Стоилковиќ пред еден месец го претстави списокот на вработени во поранешното министерство на Артан Груби како дел од својата ПР-стратегија, идентитетот на вработените сè уште останува скриен од јавноста.
Левица објави дека нејзиниот Сектор за Политички систем испратил барање за информации од јавен карактер до Министерството за односи меѓу заедниците, барајќи детали за раководителите, вработените и советниците, вклучувајќи ги и нивните службени е-адреси. Министерството законски е обврзано во рок од 20 дена да одговори на барањето, но, според Левица, до денес не добиле никаков одговор.
„Зошто власта го крие идентитетот на вработените во Министерството за односи меѓу заедниците?“ прашуваат од Левица, додавајќи дека транспарентноста на Стоилковиќ е само за пред медиумите и служи за дневнополитички поени на ДПМНЕ. Партијата истакнува дека, и покрај најавите за промени, министерството продолжува да функционира како досега, задржувајќи го списокот на вработени и другите контроверзии под превезот на тајност. Левица најави дека ќе поднесе жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска на ул. Будимпештанска 26А поради дефект во шахта (промена на вентил од ф 3/4), со прекинато водоснабдување ќе бидат ул. Осло, Хашка, Будимпештанска и дел од Женевска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.(општина Карпош)
Македонија
Денес втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи денес, 1 август, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денес ќе биде потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 33 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи. Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.