Македонија
Силјановска Давкова со порака за денот на АРМ: Македонската држава не е подарена, туку е извојувана со тешка војна
Денешниот празник е потсетување дека никој нас не не ослободувал туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку е извојувана и стекната со тешка и праведна народноослободителна војна…Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на Армијата сте вистинските чувари на наследството, слободната македонска држава која пред 80 години на АСНОМ ни ја оставија нашите храбри претци. Тоа го истакна претседателката и врховна командантка на Армијата, Гордана Силјановска Давкова во обраќањето пред присутните на Централната свеченост по повод 18 Август – Денот на Армијата на Републик Македонија што денеска се одржа во Охрид.
Силјановска Давкова во оваа прилика посочи дека силата ни извира од единството на нашите различности, етничка, верска, јазична, генерациска, полова, идеолошка…
– Сите сте поврзани и обврзани со свечената заклетва дека ќе ги браните слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Насушна и непресушна потреба и чест е дисциплинирано, чесно и совесно како и досега да ги извршувате воените должности. Тоа го правите постојано и беспрекорно…најмногу со безрезервната поддршка и помош што им ја давате на македонските гражани и институциите во справувањето со елементарните непогоди какви што беа пожарите летово. Вие сте важен мировен гарант и потенцијал во овие тешко времиња на голема неизвесност…рече меѓу другото таа.
Претседателката посочи дека најважно од се е што покрај активното меѓународното присуство, припадниците на Армијата се тука, дома, секогаш и секаде каде е најпотребно.
– Додека го прославуваме овој празник, дел од припадниците на Армијата се борат со огнените стихии ширум државата. Во овој миг помагаат во гаснењето, заштитата на граѓаните и добрата…Години наназад редовно се ангажираше во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби. Секогаш тоа го правеше професионално и пожртвувано, затоа Армијата континуирано ужива највисока доверба кај македонските граѓаните, истакна таа, искористувајќи ја можноста да укаже на потребата од спроведување реформи на системот за заштита и спасување и управување со кризи, да се детектираат и корегираат институционалните и професионалните недоследности, како и да се креира логичен и ефикасен систем за справување со кризи.
Претседателката во својство на Врховен командант на оружените сили го назначи генерал-мајорот Сашко Лафчински за началник на Генералштабот на Армијата, функција што изминатите два мандати ја вршеше генерал-полковникот Васко Ѓурчиновски.
Новоназначениот 12-ти по ред началник на Генералштабот на Армијата, Лафчински, веднаш по стапувањето на функцијата, рече дека му е укажана голема чест да ја предводи институцијата што е синоним за вредности и принципи, но и уште поголема е одговорноста…

– Ќе го вложам целото свое знаење, искуство и капацитет во исполнување на мисијата на Армијата, во нејзината подготовка за одбрана и заштита на државата и одбрана на националните интереси, како дома така и надвор, рече Лафчински.
Началникот на Генералштабот во оваа прилика истакна дека ќе продолжи да работи на градење на капацитетите и способностите на Армијата, интеграција на развојните планови со Планот за транспормација и плановите за модернизација, се со цел постигнување највисока борбена готовност и подобрување на интероперабилноста со сојузниците и партнерите.
– Искреноста, чесноста и етичкото однесување мора да бидат темел на нашата Армија. Ние им служиме на граѓаните и секогаш мора да бидеме достојни за нивната доберба. Затоа очекувам од секој од вас да ги одржувате највисоките стандарди на интегритет во сите негови форми. Од оваа позиција уште повеќе верувам во моќта на тимската работа и инклузивноста…затоа повикувам во јакнење на колективот кон нови победи, рече тој, притоа најавувајќи ги неговите планови и приоритети, на ставање во оперативна функција на вооружувањето и опремата обезбедени согласно планот за модернизација. Еден од врвните приоритети, како што посочи, ќе остане развојот на лесната пешадиска батаљонска група, преку која радијално че се зголемуваат капацитетите и способностите на останатите единици…
Во име на Владата пред присутните на свеченоста се обрати министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој на припадниците на Армијата им се заблагодари за нивниот професионализам, нивните жртви кои секогаш биле на браникот на татковината, во првите редови за заштитата на граѓаните во кризни состојби, но и нивниот придонес во регионалната и глобалната безбедност преку мисиите на НАТО и ОН…
– Во овие кревки времиња од особена важност е билатералната и регионалната соработка, соработката со ЕУ, но од особена важност е и соработката со нашите соседи…Она што престои во нашата работа за одржувањето стабилна и безбедна држава, но и зачувување на мирот во глобални рамки. Тоа значи изработка на нови стратешки документи, нова стратегија за одбрана, ажурирање на долгорочниот план за развој на одбранбените способности и на планот за управување и модернизација, неопходни за справување со новите предизвици, рече Мисајловски, истакнувајќи ги заложбите на Владата за обезбедување буџет за одбраната што ќе продолжи да расте и да ги надминува минималните два проценти од БДП.
Тој нагласи дека останува посветеноста во надградбата на капацитетите на Армијата и на сите останати безбедносни институции, како и институциите за образование и обука на кадар – Воената академија, Институтот за безбедност, одбрана и мир, Факултетот за безбедност.
На денешната свеченост присуствуваше највисокото државно раководство, претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот и други гости од општествениот живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
MINT Ins донира училишен прибор за учениците во ОУ „Елпида Караманди“
MINT Ins продолжува со своите активности за поддршка на образованието и локалната заедница, овојпат преку донација на училишен прибор за учениците во ОУ „Елпида Караманди“.
Донацијата вклучува комплети со геометриски прибор, едукативни материјали и наставни помагала кои ќе придонесат за поквалитетна и подинамична настава, особено во делот на математиката и практичното учење. Со оваа поддршка, MINT Ins има за цел да создаде подобри услови за учење и да ги охрабри децата да го развиваат своето знаење со сигурност и љубопитност.

„Веруваме дека инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Малите работи, како квалитетен училишен прибор можат да направат голема разлика во секојдневието на учениците и наставниците. Затоа со задоволство ја реализиравме оваа донација,“ велат од MINT Ins.

Од ОУ „Елпида Караманди“ упатија благодарност за поддршката, истакнувајќи дека ваквите донации се значајна помош во унапредувањето на наставниот процес и создавањето позитивна средина за учење.
Во две основни училишта донирани се и клима уреди.

Оваа активност е дел од пошироката општествено одговорна стратегија на MINT Ins, насочена кон поддршка на образованието, децата и заедницата во која компанијата активно делува. Компанијата и понатаму ќе продолжи со иницијативи што носат реална вредност и долгорочно позитивно влијание.
ПР
Македонија
„Лотарија функционирала како приватна фирма на Груби, СДС молчеле за криминалот од 1 милион евра поради опстанок на власт“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами, а под покровителство на Груби тоа го потврди и извештајот на ДЗР“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Државна лотарија директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер“.
Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува.
Ревизијата исто така утврдила и спорна и неверодостојна документација и во делот за готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра.
И додека СДС замижувале за време на овој криминал во Државната Лотарија немало внатрешен ревизор.
Дали СДС за опстанок на власт замижал пред криминалот во Лотарија вреден близу 1 милион евра?
Колку пари завршиле во џебовите на Груби и Бајрами?
ЈО да отвoри постапка и да истражи каде завршиле 1 милион евра?
Со молкот од СДС се отвoра сомнеж дека се соучесници во криминалот во Лотарија само за да се одржи коалицискиот мир и да се остане ден повеќе на власт.
Поради сите предмети кои се чуваат во фиока и кои се заташкуваа од страна на Коцевски и обвинителството неопходни се реформи во правосудството. Правда мора да има а законите да важат подеднакво за сите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Заедно со граѓаните и со опозициските политички партии отвораме фронт за правда
„Со неуставна Резолуција ДПМНЕ-ЗНАМ сакаат да ја задушат демократијата и слободата на говор во Македонија. Целта е по секоја цена да се обидат да ја замолчат опозицијата да зборува за темата мигранти и нивниот договор. Со забрани и закани за кривични пријави да нема дебата за она што тајно го договориле далеку од очите на јавноста“, велат од СДСМ.
„СДСМ тоа нема да го дозволи. Заедно со граѓаните и со опозициските политички партии отвораме фронт за правда.
Прв чекор ќе биде претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок која ќе ја поднесеме денеска.
Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот во делот на основните човекови слободи и права а тоа е слободата на изразување и политичко делување.
Заедно со граѓаните Фронтот за правда ќе се бори за Македонија, за слободата и демократијата со сите демократски механизми.
Ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата!“, соопшти СДСМ.

