Македонија
Голем дел од Крушево ќе остане без вода
ЈП „Комуна“ – Крушево најавува дека дел од градот денес ќе остане без вода,
Прекин на вода ќе има поради премостување на водоводна линија во домаќинство.
Улиците што ќе се соочат со прекин се следните: „Тодор Проески“, „Томе Никле“, „Ќиро Фетак“, „Мише Ефтим“ и „Благо Целев“.
„Правиме интеревенција на водоводна линија во едно домаќинство. За премостувањето целосно да се спроведе мора да има прекин на вода, кој очекуваме да не трае долго. Ви благодариме на разбирањето, велат од ЈП „Комуна“ – Крушево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 200.000 граѓани ова лето купиле патничко осигурување за годишен одмор во странство
Вложувањата на граѓаните во патничко осигурување за патување во странство во јуни, јули и август достигнале 2 милиони евра, што е за 6 проценти повеќе од истиот период лани. Истовремено износот на исплати за штети покриени со патничко осигурување, за овој период, е зголемен за 89 отсто и достигнал 560.000 евра, објави Агенцијата за супервизија на осигурување.
Над 220.000 граѓани купиле патничко осигурување во летните месеци (јуни, јули и август), а најголем дел од нив го користеле за годишен одмор во странство. Вкупниот број на издадени осигурувања за патување во странство во овие три месеци изнесува 220.860, а во нив осигурениците вложиле 125,65 милиони денари (2 милиони евра).
Вкупните вложувања во патничко осигурување во летниот период годинава се за 6 отсто повисоки од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци кои сите осигурителни компании ги доставуваат до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вредно за истакнување е тоа што во овој период граѓани кои имаат патничко осигурување од компаниите за осигурување наплатиле 34,46 милиони денари (560.000 евра). Со тие пари осигурителните компании им надоместувале медицински трошоци настанати за време на престојот во странство, изгубен багаж или некој друг од ризиците што го покрива патничкото осигурување.
Годинава во трите летни месеци (јуни, јули и август) осигурениците наплатиле 89 отсто повеќе средства за покривање штети настанати при патување во странство, во споредба со истиот период лани кога осигурителните компании исплатиле 18,23 милиони денари (296.000 евра).
Сите 11 осигурителни компании за трите летни месеци исплатиле штети покриени со патничко осигурување на повеќе од 35.300 граѓани кои патувале во странство. Бројот на исплатени штети во месеците јуни, јули и август годинава е за 14,5 отсто повисок од бројот на штети во истиот период 2023 година.
Што се однесува на продажбата на месечно ниво од податоците е евидентно дека најголема била побарувачката за патничко осигурување во јули. Тој месец граѓаните вложиле 44,79 милиони денари (над 728.000 евра) за да купат патничко осигурување.
Соодветно на тоа во јули најголем е и бројот и износот на исплатени штети. Така во јули 14.460 осигуреници наплатиле 14,9 милиони денари (над 242.000 евра).
Македонија
„Вреди“: Институциите да ја лоцираат одговорноста за коруптивниот закуп на лотаријата
Коалицијата „Вреди“ (Влен) соопшти дека ја изразува својата непоколеблива посветеност да ја спречи секоја форма на корупција и злоупотреба на довербата на граѓаните.
Според нив, со поништувањето на договорот помеѓу компанијата „ХЕЈ ДООЕЛ“ и Државната Лотарија, се отвора пат за одговорност на сите оние кои профитирале преку оваа шема на корупција.
„Им упатуваме повик на обвинителството и другите инстанции да преземат соодветни чекори за целосно расветлување на овој срамен скандал кој нанесе големи штети врз нашето општество. Артан Груби, како глава на овој распаднат систем, и Перпарим Бајрами, неговата десна рака во индустријата за коцкање, се симболи на една империја изградена врз корупција, која ги крши правата на чесните граѓани на оваа земја. Овие индивидуи, тесно поврзани со раководството на ДУИ, проектирале и управувале со структурирана мрежа со цел лично богатење и на нивните најблиски“, велат од „Вреди“.
Како што се додава, секој чекор кон уништувањето на оваа империја изградена врз коцкање и корупција, е важен чекор за правдата.
„На правосудните органи и обвинителството им е отворена вратата за да ги изнесат пред правдата оние што ја изградиле оваа шема. Нема враќање! Ќе се бориме до крај против оваа епидемија на коцкање и корумпирани шеми на политичките казиномани. Артан Груби и Перпарим Бајрами, заедно со сите оние кои профитирале преку овој валкан пат, ќе одговараат пред правдата и пред народот. Времето на неказнивост заврши!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
„АД МЕПСО расипнички се однесувало со парите на граѓаните, претходното раководство да одговори дали донациите се согласно закон“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Работењето на АД МЕПСО под претходното раководство е сомнително по неколку основи, а особено во делот на давање донации. За 2024 година на име донации и спонзорства АД МЕПСО предвидело вкупно 12.300.000 денари, а потрошило по овој основ 22.712.500 денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Законот за донации и спонзорства согласно член 11 предвидува да се утврди целта на донација и истата да биде од јавен интерес.
Оттука се поставуваат прашањата. Прво, кој е јавниот интерес кога станува збор за донацијата на АД МЕПСО, односно од донацијата за Здружението на граѓани за промоција 22 Нентор. Здружението добило 120.000 денари.
Второ, СЕСОН добило 300.000 денари и ОФ на Македонија добило 1.000.000 денари, а нема никакви јавни податоци.
Трето, Центарот за модерни и спортски танци Прима Данца од АД МЕПСО добил 300.000 денари во месец април оваа година.
Четврто, боречки клуб Тефејуз Скопје од АД МЕПСО добил 300.000 денари.
Објавеното е само мал дел од листата на донации кои ги давало АД МЕПСО, а за кои има основано сомнение дека не е почитуван Законот.
Затоа прашуваме, прво, дали согласно член 19 од Законот за донации и спонзорства се изготвени извештаи помеѓу давателот и примателот на донацијата, извештаи согласно закон се задолжителни, второ, дали врз основа на извештаите јасно е утврден јавниот интерес, односно користа од донацијата за јавноста?
Јавноста ќе ја информираме за сите неправилности, а за истите надлежните институции треба да реагираат веднаш. Одговорност за непочитување на правните норми мора да има“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.