Скопје
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска што побрзо да си даде оставка и да ги спаси скопјани од маките во кои самата ги втурна

Данела Арсовска имаше разочарувачко лошо интервју, во кое се натпреваруваше со дното. Сите други и се виновни, само таа не е. А истата е градоначалник и единствено одговорна за хаосот во Скопје, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Данела Арсовска од градоначалник на најголемата локална самоуправа во државата, неуспешно бараше кој град е полош од неа, еве да и ги скратиме маките на Арсовска, полош град и градоначалник од неа нема. Данела Арсовска стана единица мерка за неспособност и криминал. Единствена работа која истата треба да ја работи е да го чисти ѓубрето од улиците и да има ефикасен јавен превоз, и овие две работи истата не може и е неспособна да ги прави“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси Скопјани од маките во кои самата ги втурна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Во тек е реновирање на градинката „13 Ноември“, подобрени условите во сите градинки

Општина Центар информира дека во матичниот објект на ЈОУДГ „13 Ноември“ во тек е реновирање на „Новиот дел“ кој ги опфаќа просторот јасли и долниот кат. Во моментов, се врши молерисување на ѕидовите, а веќе е завршено стругањето и лакирањето на паркетот во занималните и ходниците.
„Молерисувањето ги опфаќа и скалите, влезот, канцелариите, тријажниот простор и чајната кујна. По завршување на оваа фаза, ќе продолжи стругањето и лакирањето и на „стариот дел“ од објектот, каде молерисувањето беше изведено во претходната година. Условите во градинките мора да бидат одраз на грижата што ја имаме кон најмладите. Затоа, вложуваме континуирано во безбедна, функционална и топла средина каде што децата растат среќни, а вработените имаат подобри услови за работа”, потенцира градоначалникот Горан Герасимовски.
Дополнително, реализирана е набавка на нов мебел за занималните во Матичниот објект, како и набавка на три нови клима-уреди кои ќе бидат монтирани во просториите каде што е најнеопходно.
Во главната кујна на Матичниот објект инсталирана е нова конвекциска печка (со шест нивоа), со што се овозможува побрза и поефикасна подготовка на храна, известува Општината.
Герасимовски, истакнува и дека со цел да се поддржи воспитно-образовниот процес, набавени се наставно-образовни и дидактички материјали според Монтесори програмата, како и игровен материјал за децата од групата јасли.
Овие активности се дел од посветеноста на Општина Центар за континуирано унапредување на условите во детските градинки, се додава во соопштението на Општината.
Македонија
Делови од Гази Баба и Студеничани денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска:
· поради промена на шибер ф 100 мм на улицата Карл Либкнехт бр.84, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Карл Либкнехт, Анри Барбис, Темко Попов и дел од Карл Хрон од 09:00 часот до завршување, Гази Баба;
· поради санација на усисна цевка во ПС Моране (викенд населба), можно е да има мал прекин на водоснабдување во село Моране, во периодот од 08:00 па се до завршување на работите, општина Студеничани.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 06.30 до 12.00 часот, дел од улицата Перо Наков фирмите, Јогомеркур, Осоговски, Макохемија, Стокомак, објектите до Стокомак на улицата Перо Наков, Златно Жито и Потрошувачите на улицата Маџари, општина Гази Баба;
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот, дел од населбата Припор, по главната улица Христо Татарчев, општина Кисела Вода.