Свет
Бунт во руски затвор: затвореници со ножеви ги нападнале чуварите и зеле заложници

Во затворот во градот Суровикин во регионот на Волгоград некои затвореници ги нападнаа затворските чувари и затворската управа и зедоа заложници, соопшти Руската федерална агенција за извршување затворски санкции.
Затвореници на седницата на дисциплинската комисија со ножеви ги нападнале вработените во затворот и ги зеле како заложници. Руските медиуми јавуваат дека е можно да има жртви меѓу чуварите и управата.
Одредени канали наведуваат дека се работи за затвореници кои се членови на терористичката организација Исламска држава. Засега нема потврда за оваа информација.
Според руските медиуми, ранет е шефот на полициската станица, како и уште три лица. Ранетите, според неофицијални руски медиуми, се префрлени во болница.
Наводно, имам од Волгоград бил ангажиран да преговара со киднаперите. Наводно, киднаперите бараат хеликоптер и два милиона долари. За тоа пишуваат телеграмски канали поврзани со руската полиција. Нема официјални потврди за оваа информација.
Руските медиуми јавуваат дека специјална антитерористичка единица пристигнала пред затворот и се подготвува за операција за ослободување. Во затворот има приближно 1.230 затвореници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Цистерни со нафта излетаа од шини на железничката пруга Ваљево – Косјериќ

Две цистерни полни со нафта синоќа излетаа од шините на железничката пруга Ваљево – Косјериќ, во близина на местото Ражана, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, цистерните биле при крајот на товарниот воз што се движел кон Косјериќ. Засега не е познато што ја предизвикало несреќата, ниту дали имало истекување нафта од композицијата.
Локалните портали јавуваат дека екипи се на терен и се очекува официјално соопштение од надлежните органи за причините и можните последици од инцидентот.
Свет
Израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека изминатиот ден израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа, вклучувајќи згради што ги користат терористичките групи.
Нападите се случуваат во време кога копнените трупи од три дивизии на ИДФ продолжуваат да напредуваат во градот Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Армијата соопшти дека трупите на Голанската бригада на ИДФ во еден инцидент во Газа забележале ќелија од пет борци на палестинското милитантно движење Хамас, кои испукале ракета RPG кон зградата каде што биле стационирани израелските сили, и дека тие возвратиле на нападот.
Свет
Поради тајфунот Буалој илјадници луѓе се евакуирани во Виетнам и на југот на Кина

Виетнам денеска ги затвори аеродромите и евакуираше илјадници луѓе во областите што потенцијално би можеле да бидат погодени од сè посилниот тајфун Буалој, кој се движи кон земјата од Филипините, каде што предизвика најмалку десет смртни случаи и разорни поплави.
Се очекува тајфунот со брзина на ветер од 133 километри на час да стигне до централниот дел од Виетнам во текот на денот, соопшти Виетнамската национална метеоролошка агенција.
„Ова е брзо движечка бура, речиси двојно поголема од просечната брзина, со висок интензитет и широка област на влијание. Способна е истовремено да предизвика повеќе природни катастрофи, вклучувајќи силни ветрови, обилни дождови, поплави, лизгање на земјиштето и крајбрежни поплави“, се вели во соопштението на метеоролошката агенција.
Властите во централната покраина Ха Тин започнаа со евакуација на повеќе од 15.000 луѓе, соопшти виетнамската Влада, додавајќи дека илјадници војници се во состојба на готовност за да му пружат помош на населението. Виетнам ги прекина операциите на четири крајбрежни аеродроми, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Дананг, и ги прилагоди времињата на полетување на неколку авиони, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Виетнам. Обилните дождови веќе предизвикаа поплави во Хуе и Куанг Три, соопшти виетнамската Влада.
Кинескиот град Сања во јужната островска покраина Хајнан е исто така ставен во состојба на зголемена готовност, бидејќи тајфунот Буалој, 20-тиот тајфун оваа година, се приближува кон јужниот дел од островот, соопшти кинеската покраинска метеоролошка опсерваторија.